Ahmed Asmar
28 Ноември 2024•Ажурирај: 29 Ноември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Израелската Армија гранатираше неколку градови во јужен Либан рано утринава, на вториот ден од прекинот на огнот меѓу двете страни, пренесува Анадолу.
Државната либанска Национална новинска агенција соопшти дека имало артилериско гранатирање во градовите Ајта ал Шааб и Бент Џбеил во јужен Либан.
Цел на воздушен напад бил и автомобил во градот Маркаба, при што две лица се повредени, соопшти државната агенција.
Истиот извор рече дека израелските тенкови истрелале гранати врз градот Вазани и предградието на Кфаршуба во јужен Либан.
Израелски извидувачки авиони, исто така, летаа над областите Тир и Бент Џбеил утринава.
Израелската Армија ги предупреди либанските цивили рано утринава да останат настрана од 10 села во јужен Либан до понатамошно известување, предупредувајќи дека секој што ќе „ја премине линијата се става во опасност“.
Договорот за прекин на огнот стапи на сила вчера изутрина за да се стави крај на над 14-месечните борби меѓу израелската Армија и Хезболах.
Според условите за прекинот на огнот, Израел ќе ги повлече своите сили јужно од сината де факто граница, додека либанската Армија ќе ги распореди своите сили во јужен Либан во период кој не надминува 60 дена.
Спроведувањето на договорот ќе го надгледуваат САД и Франција, но деталите за механизмите за спроведување остануваат нејасни.
Повеќе од 3.800 луѓе се убиени во израелските напади во Либан и над 1 милион се раселени од октомври минатата година, според либанските здравствени власти.