Esat Fırat
04 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
КУДС
Израелските војници урнаа џамија во село покрај окупираниот град Наблус на Западниот Брег, со образложение дека не е изградена со дозвола, јавува Агенција Анадолија (АА).
За АА, Сулејман Девабише, градоначалникот на областа Дума поврзана со Наблус, изјави дека израелските војници извршиле рација во селото Еш-Шукара во Дума во раните утрински часови.
Наведувајќи дека израелските војници ја урнале селската џамија со образложение дека е изградена без дозвола во регионот Ц, Девабише рече дека џамијата изградена пред две години им служела на селаните.
Девабише посочи дека израелските војници урнале и два земјоделски објекти на југот на градот, и дека со спречувањето на урбанизацијата на градот Дума, Израел се обидува да отвори простор за проширување на еврејските населби.
- Осуда од Министерството за вакаф на Палестина
Во соопштението од палестинското Министерство за вакаф и верски прашања, се осудува уривањето на селската џамија во селото Еш-Шукара во Дума од страна на израелските војници.
Нагласувајќи дека со ова уништување „на листата на злосторствата додадено е ново злосторство на окупаторската држава против храмовите“, во соопштението се вели дека Израел отворено ги нападнал верските објекти кои им припаѓаат на муслиманите.
Израел од различни причини ги урива палестинските куќи и градби во Источен Ерусалим (Источен Кудс) и Западниот Брег, кој го окупира во 1967 година.
Во рамки на Вториот договор од Осло, потпишан во 1995 година меѓу Палестина и Администрацијата на Израел, Западниот Брег беше поделен во три зони, А, Б и Ц.
Според тоа, Палестина управува со зоната А (18 отсто од Западниот Брег) од административен и безбедносен аспект, исто така, управува со зоната Б (21 отсто од Западниот Брег) само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста. Израел ја има целата управа во зоната Ц (61 отсто од Западниот Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.