ИСТАНБУЛ (AA)
- Ѓулсум ИНЏЕКАЈА
Според извештајот од 2020 година што го објавија Обединетите нации (ОН), како дел од Светскиот ден за подигнување на јавната свест за опасноста од цунами, во следните 10 години цунамито ќе достигне димензии заканувајќи му се на 50 % од светското население.
Обединетите нации на своето Генерално собрание одржано во декември 2015 година го прогласија 5 ноември за Светски ден за подигнување на јавната свест за опасноста од цунами.
Новинарот на АА ги анализира податоците објавени од страна на Обединетите нации (ОН) и Светската здравствена организација (СЗО) за големиот број цунами што го погодија светот во последните 100 години, за причините на нивното настанување, нивните ефекти врз општествата, опасностите што следуваат по нив и за човечките жртви.
Во тие рамки, според извештајот што ОН го објавија во 2020 година, катастрофите од цунами во следните 10 години ќе достигнат димензии кои ќе претставуваат закана за 50 % од светското население.
Во извештајот се наведува дека однапред воспоставувањето правилни политики и мерки може да помогне во спречувањето на можните сценарија за катастрофи.
Обединетите нации кои го вклучуваат цунамито како една од најопасните природни катастрофи, предупредија дека треба да се спречи урбанизацијата и туризмот во областите подложни на цунами, во спротивно, голем број луѓе би можеле да бидат изложени на ризик.
Шри Ланка, Индија, Индонезија, Тајланд и Јапонија се меѓу првите земји кои најмногу се погодени од цунами.
Јапонскиот термин „цунами“ се состои од зборовите „цу“ (пристаниште) и „нами“ (бран). Терминот „цунами“ се користи за опишување на серија џиновски океански бранови настанати од силен подводен земјотрес.
Подводни земјотреси со интензитет од најмалку 6,5 степени според Рихтеровата скала можат да создадат цунами.
Освен од земјотрес, цунами може да настане и од свлечиште, вулканска ерупција, подводни одрони и паѓање на крајбрежни карпи.
Според податоците на ОН и СЗО, околу 260.000 луѓе ги загубиле животите од 58 цунами што се случиле во последните 100 години.
Познато е дека Индија, Индонезија, Малдиви, Мјанмар, Шри Ланка, Тајланд и Јапонија се земјите во кои се случиле најголем број цунами.
Океанографската комисија на УНЕСКО (IOC) во последниве години спроведува серија студии за да ги координира службите за рано предупредување од цунами. За таа цел, воспоставени се четири посебни станици за рано предупредување за опасност од цунами и системи за ублажување за регионите на Тихиот Океан, за Индискиот Океан, за Карибите и Североисточниот Атлантик и за Медитеранот и поврзаните морски подрачја.
Со овие активности, УНЕСКО има за цел да ја подигне свеста за практиките што треба да се направат за да се минимизира загубата на животи и имот во случаи на катастрофи од цунами.
Океанографската комисија на УНЕСКО, исто така, преку своите програми за обука во земјите членки организира вежби за комуникација и евакуација при цунами.
На 26 декември 2004 година се случи катастрофа од цунами по земјотресот со интензитет од 9,1 степен според Рихтер на брегот на Суматра, Индонезија. По земјотресот, за кој се проценува дека се случил на длабочина од 30 километри, брановите со височина од 50 метри допреле до 5 километри во внатрешноста на копното во Муболах, Суматра. Во инцидентот животот го загубија околу 230.000 луѓе.
Во цунамито што се случи на северниот пацифички брег на Јапонија на 11 март 2011 година, животот го загубија над 18.000 луѓе. Бранови со височина од 10 метри формирани на источниот брег на Јапонија принудија 452.000 луѓе да бидат евакуирани во привремени засолништа.
По земјотресот со интензитет од 8,5 степени според Рихтеровата скала кој го потресе Лисабон, главниот град на Португалија, на 1 ноември 1755 година, цунамито формира бранови високи 30 метри, сериозно погодувајќи голем број градови во Португалија и на западниот брег во Јужна Шпанија, како и во Мароко. Во земјотресот и цунамито кое следуваше, во Португалија, Мароко и Шпанија загинаа околу 6.000 лица.
Цунамито што се случи по ерупцијата на вулканот Кракатау во Индонезија на 27 август 1883 година ги уништи градовите Анжер и Мерак. Во оваа природна катастрофа животот го загубија околу 40.000 луѓе, од кои 38.000 како последица од цунамито и 2.000 од вулканската ерупција.
Се проценува дека земјотрес со јачина од 8,3 степени според Рихтеровата скала се случил во близина на источниот брег на Јапонија на 20 септември 1498 година. Цунамито што следувало по земјотресот одзел 31.000 животи, зафаќајќи ги бреговите на Кии, Микава, Суругу, Изу и Сагами.
Земјотрес со интензитет од 8,4 степени според Рихтеровата скала ја потресе јапонската област Нанкаидо на 28 октомври 1707 година, зафаќајќи ги бреговите на Кјушју, Шикоку и Хоншин, по што беа формирани бранови кои достигнаа височина и до 25 метри. Цунамито предизвика оштетувања на голем број населени места во регионот, а околу 30.000 лица ги загубија животите.
Земјотрес со интензитет од 7,6 ја потресе областа Санрику во Јапонија на 15 јуни 1896 година. Цунамито што следуваше уништи повеќе од 11.000 куќи и ја предизвика смртта на 22.000 лица. Покрај тоа, брановите што се издигнаа до височина од 38 метри, го зафатија и источниот брег на Кина, одземајќи 4.000 животи.
Цунамито кое се случи по земјотресот со јачина од 8,5 степени во северниот дел на Чиле на 13 август 1868 година, предизвика бранови чија височина беше проценета на 21 метар. Оваа катастрофа траеше три дена и ја предизвика смртта на околу 25.000 лица.
Земјотресот со интензитет од 7,4 степени според Рихтеровата скала ги потресе островите Рјукју во Јапонија на 24 април 1771 година, од кој беа зафатени и голем број острови во регионот. Брановите со височина од 85 метри најголеми оштетувања предизвикаа на островот Ишигаки. Во оваа катастрофа загинаа околу 12.000 лица.
На 18 јануари 1586 година, земјотрес со јачина од 8,2 степени според Рихтеровата скала го потресе регионот на заливот Исе во Јапонија, предизвикувајќи цунами, чии бранови достигнаа височина до 6 метри. Не е познат бројот на загинатите.
news_share_descriptionsubscription_contact
