Saadet Gökce
09 Мај 2025•Ажурирај: 10 Мај 2025
ЊУ ДЕЛХИ/ИСТАНБУЛ (АА) - Пакистан започна повеќекратни напади со беспилотни летала и друга муниција по должината на целата западна граница, соопшти денес индиската армија, јавува Анадолу.
Армијата истакна дека нападот се случил ноќта четврток кон петок и дека пакистанските „војници извршиле многубројни прекршувања на прекинот на огнот по должината на Контролната линија во Џаму и Кашмир“.
Пакистан ги негираше тврдењата на Индија дека Исламабад започнал повеќекратни напади врз својот источен сосед.
Генерал-потполковник Ахмед Шариф Чаудри, портпарол на пакистанската армија, рече дека Њу Делхи „нема докази“ за вмешаноста на Исламабад во нападот во Пахалгам на 22 април и за вмешаноста на Пакистан во какви било напади врз индиска територија во последните 48 часа.
Контролната линија е де факто граница што го дели спорниот хималајски регион помеѓу двата стари соперници.
Индија затвори дури 27 аеродроми до 10 мај во Северна Индија, објави државниот „ДД њуз“, истакнувајќи дека вчера биле откажани околу 430 цивилни летови.
Тензиите меѓу Индија и Пакистан ескалираа оваа недела откако Индија ја објави „Операција Синдор“ доцна во вторникот, соопштувајќи дека гаѓала „терористичка инфраструктура“ на девет локации во Пакистан.
Пакистанската војска соопшти дека 31 лице е убиено во индиските ракетни напади и прекуграничното пукање во Кашмир под пакистанска администрација.
Според официјални претставници, најмалку 16 лица се убиени по Контролната линија во индиски Кашмир.