Ekipa
13 Декември 2016•Ажурирај: 13 Декември 2016
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индиските власти уапсија 12 лица во јужниот дел на земјата, бидејќи тие не стоеја за време на интонирањето на националната химна на меѓународниот филмски фестивал, јавува Anadolu Agency (AA).
Врховниот суд во Индија минатиот месец донесе пресуда во која се вели дека химната мора да се интонира пред секоја филмска проекција со визуализација на националното знаме, а пак сите присутни треба да стојат.
Судот истакна дека ова правило има за цел да го зајакне патриотизмот.
Полицискиот инспектор Анил Кумар истакна дека 12 лица се уапсени во два одделни инцидента на Меѓународниот филмски фестивал во Керала, одржан во главниот град на јужната држава Керала.
Волонтерите на фестивалот пријавиле во полиција 12 луѓе што одбивале да застанат за време на интонирањето на националната химна, и покрај тоа што ова правило било повторено неколкупати.
Во неделата осум луѓе беа претепани од страна на десничарските активисти бидејќи не станале за време на интонирањето на национална химна во кино во јужниот индиски град Ченај.
Полицијата го регистрираше инцидентот и започнала постапка против осумте лица кои наводно покажале непочитување на националната химна.