Ekipa
25 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
ЏАКАРТА (АА) - Спасувачките екипи ја пронајдоа локацијата на потонатиот патнички траект, кој минатата недела со повеќе од 200 луѓе потона во езерото Тоба во северниот дел на индонезискиот остров Суматра, јавува Anadolu Agency (AA).
Бродоломот се случи минатиот понеделник, а спасувачките екипи спасија 18 лица и ги извадија телата на четворица, а сè уште како исчезнати се водат 192 лица.
Цивилната заштита што ги предводи спасувачките активности соопшти дека објектот кој е забележан на длабочина од 490 метри во езерото веројатно е потонатиот траект.
Станува збор за езеро кое настанало во длабок вулкански кратер, а на индонезиските спасувачи ќе им биде потребна и меѓународна помош за извлекување на потонатиот траект во кој се наоѓаат жртвите.
Најверојатната причина за бродоломот е големиот број луѓе на бродот, а индонезиската полиција уапси најмалку четири лица осомничени за кршење на правилата за јавен превоз.
Откако нуркачите не успеаја да го пронајдат потонатиот траект, бидејќи во темните и студени води на езерото можеа да заронат само 50 метри во длабочина, спасувачите ја продолжија потрагата со специјална опрема од индонезиската морнарица.
По пронаоѓањето на траектот, на спасувачите им останува потешкиот дел на негово извлекување. Во моментов располагаат со кранови кои можат да достигнат само до 100 метри длабочина.