Fatih Erel
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Бројот на бегалците што во Европа доѓаат преку Медитеранот, оваа година ја надмина бројката од 20.000, а бројот на луѓето што ги загубија своите животи на тој пат надмина 500, беше соопштено денес од страна на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), пренесува Anadolu Agency (AA).
Точниот број на бегалците кои до 19. март оваа година дојдоа преку Медитеранот во Европа изнесува 20.484. Повеќе од 80 отсто од тие луѓе побараа засолниште во Италија, а остатокот во Шпанија и во Грција. Во споредба со истиот период минатата година, тоа е многу помалку, бидејќи во првите 79 дена од 2016 година, во Европа пристигнале 160.331 мигрант.
Џоел Милман, портпарол на ИОМ, објасни дека африканските бегалци патуваат преку Италија, по договорот меѓу Турција и Европската Унија во март 2016 година.
„Извештаите што ги доби ИОМ велат дека досега во Медитеранот загинале 525 луѓе, во споредба со 535 во истиот период минатата година. Оваа година, најмалку 481 бегалец се удавија или исчезнаа во централниот дел на Средоземното Море, на пат кон Италија, во споредба со 159 лица минатата година“, рече Милман.
Договорот меѓу Турција и Европската Унија има за цел да ги обесхрабри нелегалните миграции преку Егејското Море, со преземање построги мерки против трговијата со луѓе и со подобрување на условите за живот на сириските бегалци во Турција.