Amir Latif Arain
06 Април 2026•Ажурирај: 06 Април 2026
Иран побара Соединетите Американски Држави (САД) и Израел „веднаш да ги прекинат сите непријателства“, особено нападите насочени кон највисокото иранско раководство, како и „безусловно“ повлекување на „крајниот рок“ на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Ормускиот Теснец, јавија пакистански официјални извори за Анадолу, потврдувајќи дека предлогот за прекин на огнот бил споделен со Техеран.
„Иран му соопшти на Исламабад дека ќе го разгледа предлогот само ако САД и Израел веднаш ги прекинат сите видови непријателства против Иран, вклучително и целењето кон неговите високи воени и цивилни лидери“, рекоа извори запознаени со развојот на настаните, нагласувајќи дека не сакаат да бидат именувани поради чувствителноста на прашањето.
Овие изјави доаѓаат откако Техеран денес ја потврди смртта на Маџид Хадми, шеф на разузнавањето на Исламската револуционерна гарда, додека во меѓувреме се појавија информации дека е даден предлог за прекин на огнот од 45 дена.
Техеран сооопшти дека не може да биде принуден да влезе во каков било дијалог преку „закана со рок“, според пакистанските извори.
Според истите извори, началникот на пакистанската Армија, генерал Асим Мунир, и министерот за надворешни работи, Ишак Дар, се во „постојан“ контакт со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, во обид да ги убедат страните да седнат на преговарачка маса.
Предлогот за примирје, како што наведуваат изворите, вклучува итен прекин на огнот, повторно отворање на Ормускиот Теснец, период од две до три недели за финализирање на поширок договор, како и последователни директни преговори во Исламабад.
Американскиот претседател Трамп вчера изјави дека постои голема веројатност за постигнување договор со Иран веќе денес, но истовремено се закани со значително интензивирање на нападите доколку Техеран не реагира брзо.
Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека Техеран ги пренел своите барања до САД преку посредници.
„Формулиравме сопствен сет барања засновани на нашите интереси и размислувања. Не се срамиме да ги искажеме нашите легитимни и логични барања“, изјави тој на прашањето дали постои нов план за завршување на војната меѓу Иран и САД.
Багаи, исто така, ја отфрли идејата за прекин на огнот, оценувајќи дека секое паузирање на борбите може да им овозможи на противниците да се прегрупираат и да ги обноват нападите.
Пакистан се позиционира како посредник меѓу САД и Иран, користејќи ги своите добри односи со Вашингтон и Техеран, како и стратегиските и одбранбените партнерства со Кина и Саудиска Арабија.