Ahmet Dursun,Haydar Şahin
14 Јануари 2023•Ажурирај: 17 Јануари 2023
Поранешниот заменик-министер за одбрана на Иран, Али Риза Екбери, беше егзекутиран денеска во раните утрински часови, по неколку дена откако беше осуден на смрт под обвинение за шпионирање за Велика Британија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на новинската агенција „Мизан“, при иранското правосудство, Екбери, кој имал двојно, иранско и британско државјанство, бил погубен под обвинение за „предизвикување неволја во земјата“ и „вршење сеопфатни активности против внатрешната и надворешната безбедност на земјата“.
Понатаму се вели дека поранешниот висок функционер вршел шпионажа за британската разузнавачка агенција МИ6 во замена за висока плата во странска валута.
Во веста се вели дека Екбери, кој служел во Кабинетот на поранешниот ирански претседател Мохамад Катами (1997-2005), шпионирал за британската разузнавачка агенција за одбранбените и ракетните прашања на земјата, како и за санкциите, нуклеарните разговори и регионалните прашања.
Според веста, тој дејствувал против националната безбедност преку неговите комуникации со агенцијата МИ6 и преку состаноци во различни земји.
Екбери беше осуден на смрт под обвинение за шпионирање за британската разузнавачка агенција претходно оваа недела, објави во средата Одделот за медиуми на судството, додавајќи дека тој е „еден од најважните инфилтратори на МИ6 во чувствителните и стратешки центри на земјата“.
Судските власти, исто така, рекоа дека тој бил регрутиран од МИ6 додека обезбедувал виза од британската Амбасада во Техеран, а потоа станал вработен со полно работно време во агенцијата, додавајќи дека неговото приведување дошло по „продолжени и повеќеслојни операции“ од иранското Министерство за разузнавање.
По приведувањето, против него беше отворена судска постапка и следуваше долго судење пред да биде осуден на смрт. Неговата жалба против казната беше отфрлена од највисокиот суд во земјата.
Во четвртокот, иранските државни медиуми објавија видеоснимка за која се вели дека ја покажува улогата на поранешниот заменик-министер во атентатот во ноември 2020 година на високиот ирански нуклеарен научник Мухсин Фахризаде, за што Иран тогаш го обвини Израел.
Во видеото, Екбери вели дека британски разузнавач побарал од него информации за Фахризаде, кој исто така бил висок функционер во Министерството за одбрана.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли во својот говор во петокот ги повика иранските власти да не го погубуваат Екбери.