Sibel Morrow
28 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
АНКАРА
Иран денес ги повика САД и нивните сојузници да ветат дека ќе му овозможат на Техеран да извезува сурова нафта, додека продолжуваат преговорите за обновување на нуклеарниот договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за новинарите во Техеран, иранскиот министер за надворешни работи, Хосеин Амир-Абдолахијан, изјави дека неговата земја продолжува со својот став пред преговорите за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година.
Разговорите беа заглавени и одложени на почетокот на овој месец по рундата нарушена со тензии поради новите барања на Техеран.
Според Амир-Абдолахијан, Иран сака следната рунда преговори да се фокусираат на неговата санкционирана нафтена индустрија.
Тој рече дека целта е да се дојде до „точка каде што иранската нафта може лесно и без ограничувања да се продава, а парите да бидат депонирани на банкарските сметки на Иран“.
На Иран му беше одобрено олеснување на санкциите во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма како дел од историскиот договор со западните сили.
Меѓутоа, во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот и воведе опсежни санкции кон Иран, особено врз неговиот нафтен сектор, кој е „крвотокот“ на економијата на земјата.
Извозот на сурова нафта на Иран опадна, а меѓународните нафтени корпорации ги откажаа договорите со Техеран, ставајќи ја економијата на земјата во опасност.
Додека учесниците во нуклеарниот договор се подготвуваа да се сретнат, Амир-Абдолахијан изјави дека Иран планира „да ги ужива сите економски отстапки според нуклеарниот договор“.