Ekip
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
ТЕХЕРАН
Иран денеска го затвори западниот граничен премин на земјата со Ирак, поради големите протести кои се одржуваат во неколку ирачки покраини поради корупција и невработеност, јавува Anadolu Agency (AA).
„Граничниот премин „Мехран“ е затворен до понатамошно известување“, изјави Мохамад Нозари, заменик-гувернерот на западната покраина Илам, се вели во соопштенијата пренесени од новинската агенција „Тасним“ (Tasnim).
Тој изјави дека на камионите нема да им биде дозволено да влезат во Ирак сѐ додека сосотојбата не се подобри.
Иранското Министерство за надворешни работи ги повика шиитските верници да ги откажат своите посети во Ирак сѐ до понатамошно известување.
Над 80 лица загинаа, а повеќе од 3.600 се повредени во вториот бран протести кои започнаа во неколку ирачки покраини во петокот.
Во првиот бран протести на почетокот на октомври загинаа 149 демонстранти и 8 лица од безбедносниот персонал.
На 3 октомври Иран ги затвори премините „Косрави“ и „Чазабех“ со Ирак, пред повторно да ги отвори три дена подоцна.
Незадоволството во Ирак во последниве години е во пораст поради зголемената стапка на невработеност и големата корупција. Голем дел од населението има ограничен пристап до основните потреби, како електрична енергија и чиста вода.
Според податоците на Светската банка, Ирак има висока стапка на невработеност кај младите од околу 25 отсто. Рангиран е како 12-та најкорумпирана земја во светот од страна на повеќе организации за транспарентност.