Fatih Hafız Mehmet
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
ПАРИЗ
Францускиот Сенат денеска го одобри контроверзниот Предлог-закон со кој им се забранува на мајките да носат марами додека ги носат своите деца на училиште, јавува Anadolu Agency (AA).
Вкупно 163 сенатори гласаа за законот, додека 114 гласаа против.
Предлог-законот, за да стапи на сила, треба да биде одобрен и од Националното собрание.
Но бидејќи владејачката партија, Република во движење - која има мнозинство во националното Собрание - е против законот, малку е веројатно дека законот ќе биде одобрен.
Претходно овој месец, францускиот пратеник на екстремната десница, Жулиен Одул, побара од муслиманка да ја тргне марамата на состанокот во источен Бесанкон и ја нападна вербално.
По инцидентот, уште повеќе се зголемија дискусии и изјави во врска со муслиманите.
Во понеделникот, 84-годишен маж беше уапсен откако пукал и ранил сериозно две лица додека се молеле во џамија во јужниот француски град Бајон.
Напаѓачот бил поранешен војник и се кандидирал на локалните избори пред неколку години за екстремно десничарската партија Национален фронт на Марин Ле Пен.
Францускиот претседател Емануел Макрон на 24 октомври изјави: „Носењето марама на јавни места не е моја работа, меѓутоа, во јавните служби, на училиште и додека се едуцираат децата, проблемот со марамата е моја работа. Тоа е она што се однесува на секуларизмот.“
Во отвореното писмо до Макрон објавено на 15 октомври во дневниот весник „Ле Монд“, 90 академици, режисери, актери и новинари го повикаа претседателот да го осуди нападот на Одул врз муслиманката.