Oliver Towfigh Nia
20 Август 2023•Ажурирај: 22 Август 2023
БЕРЛИН (АА) - Речиси две третини од Германците сакаат нова влада во екот на новите превирања во коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, според анкетата објавена вчера од Институтот „Инса“, јавува Анадолу.
Од испитаниците, 64 отсто рекле дека за земјата би било добро доколку дојде до промена на власта, додека 70 отсто од испитаниците кажале дека се незадоволни од работата на канцеларот.
Социјалдемократската партија, или СПД, губи сè повеќе позиции во однос на екстремно десничарската опозициска партија Алтернатива за Германија (AfD), со околу 18 отсто поддршка, два поени помалку од претходната недела.
СПД заостанува три поени зад АфД, која останува непроменета со 21 отсто поддршка.
Поддршката за Партијата на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) е зголемена за поен на 27 отсто, за Зелените е 14 отсто додека за Слободната демократска партија (ФДП) е 8 отсто. Поддршката за партијата на радикалната левица останува на 5 отсто.
Владината коалиција на СПД, Зелените и ФДП се соочи со ново несогласување претходно оваа недела, откако министерката за семејство Лиза Паус (Зелените) го спречи министерот за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер, да воведе даночни олеснувања за компаниите како дел од одлуката на Владата.
Линднер сака да ја оживее стагнантната германска економија со воведување пакет помош од милијарди долари.
Тензиите во трипартиската влада се таложат со месеци поради прашања како климатските промени, енергијата и миграциските политики.