Zuhal Demirci
05 Јули 2021•Ажурирај: 06 Јули 2021
ЛОНДОН
На Исланд е спроведено досега најголемото светско истражување за придобивките на системот за четири работни дена во неделата, а резултатите покажаа дека ваквиот систем е повеќекратно корисен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Повеќе од еден отсто од работната популација на Исланд учествуваше во пилот-програмата во која неделното работно време е намалено на 35-36 часа без какво било намалување на вкупните плати. Во проектот учествуваа различни работни групи, вклучувајќи работници во канцелариите, болниците, како и социјални работници.
Заедничката анализа што ја објавија Здружението за одржливост и демократија (Алда) на Исланд и Истражувачкиот центар „Автономи“ во Велика Британија, што траеше од 2015 до 2019 година со учество на повеќе од 2.500 лица, открива дека продуктивноста на работниците се зголемува во системот од четири работни дена во неделата.
Констатирано е дека користа за работниците што учествувале во испитувањето е повеќекратна. Покрај помалку стрес и исцрпеност, четирите работни дена во неделата имаа позитивно влијание врз вкупниот биланс на здравјето, работата и животот на работниците во сите работни групи.
Истражувачите забележаа дека продуктивноста и испораката на услуги останале исти или подобрени на повеќето работни места вклучени во истражувањето.
Исландските синдикати веќе започнаа преговори за воведување систем од четири работни дена во неделата.
„Истражувањата во Исланд ни покажуваат дека не само што е можно помалку да се работи во модерно време, туку се можни и прогресивни промени“, смета Гудмундур Д. Харалдсо, еден од авторите на истражувачкиот проект.
Вил Стронге, директор на Центарот за истражување Автономија, рече дека оваа студија покажува дека јавниот сектор е подготвен да биде пионер во пократки работни недели и дека ова може да биде лекција и за другите земји.
„Исланд направи голем чекор кон работата од четири дена во неделата поставувајќи одличен пример од реалниот живот во локалните совети и на оние што ја разгледуваат можноста за негова примена и во јавниот сектор на Велика Британија“, рече Стронге.