Tarek Chouiref
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го осуди министерот за одбрана на Пакистан за тоа што го нарече Израел „зло“ и „проклетство за човештвото“ поради тешкото израелско бомбардирање во средата, во кое загинаа најмалку 256 лица во Либан, а стотици други беа повредени, пренесува Анадолу.
Министерот за одбрана, Хаваџа Асиф, на платформата на американската компанија за социјални медиуми X објави дека Израел продолжува да убива цивили во Либан додека се водат преговори во Исламабад.
„Израел е зло и проклетство за човештвото“, напиша Асиф.
Во Либан се врши геноцид, а невини цивили се убиваат од страна на Израел, рече тој, додавајќи: „Прво Газа, потоа Иран и сега Либан, крвопролевањето продолжува со несмалена сила“.
Асиф, исто така, рече дека се надева оти оние што го создадоа Израел на палестинска земја „ќе горат во пеколот“.
Како одговор, канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека коментарите на Асиф претставуваат повик за уништување на Израел.
„Повикот на пакистанскиот министер за одбрана за уништување на Израел е скандалозен“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.
„Ова не е изјава што може да се толерира од која било влада, особено не од онаа што тврди дека е неутрален арбитер за мир“, се додава во соопштението.
Изјавите дојдоа откако израелските напади врз Либан се интензивираа и покрај тековните дипломатски напори поврзани со двонеделниот прекин на огнот објавено во вторникот од САД и Иран, а посредувано од Пакистан.
Додека пакистанските медијатори и Техеран рекоа дека прекинот на огнот го опфаќа и Либан, Вашингтон и Тел Авив го негираа тоа.
Израелската армија ги интензивираше нападите низ Либан од средата, во кои загинаа најмалку 303 лица, а повредени беа 1.150, според либанската Цивилна одбрана.
Во проширената израелска офанзива врз Либан од 2 март загинаа 1.888 лица, а повредени се уште 6.092, според либанското Министерство за здравство.