Şenhan Bolelli
03 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
БАРСЕЛОНА (АА) - На повик на работничките синдикати и невладиниот сектор во Каталонија денеска започна генералниот штрајк со кој Каталонците протестираат поради прекумерното полициско насилство за време на референдумот за независност на шпанската покраина, што се одржа во неделата, јавува Anadolu Agency (AA).
Штрајкот се одржува два дена по референдумот, а го поддржа и владата на Каталонија.
Тоа е еден вид одговор на прокаталонскиот работнички сектор и на невладините организации на големите притисоци на шпанската влада и полицијата, кои во согласност со одлуката на Уставниот суд остро се спротивставија на одржувањето на референдумот.
На штрајкот се приклучија и голем број училишта, транспортни, здравствени и други стопански субјекти.
Иако најголемите шпански синдикати „UGT“ (УГТ) и „CCOO“ (ЦЦОО) директно не го поддржаа штрајкот во Каталонија, раководствата на тие синдикати ги повикаа работодавците во таа покраина во договор со работниците да ја прекинат работата за да не предизвикаат дополнителни нереди.
Од друга страна, најголемите синдикални организации во Каталонија, „CGT“ (ЦГТ) и „ANC“ (АНЦ), го предводат штрајкот и го нарекуваат национален бојкот.
Сообраќајот и другите сектори во Каталонија се во колапс, а илјадници Каталонци се собраа на различни локации, со цел да ја осудат шпанската влада поради противењето на референдумот.
Досега не се забележани инциденти на улиците, а организаторите на штрајкот ги повикаа Каталонците мирно и достоинствено да протестираат, без предизвикување нереди.