Ekipa
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ДОХА (AA) - Властите на Катар бараат од надлежните тела на Обединетите нации (ОН) да интервенираат за да се укинат забраните и ограничувањата на властите на Саудиска Арабија кон катарските аџии, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот комитет за заштита на човековите права на Катар (NHRC) соопшти дека до Советот за човекови права на ОН (UNHRC) и до ресорниот специјален известувач на ОН за човекови права и верски слободи упатил допис во кој се бара на верниците од Катар да им се обезбедат верските слободи во Саудиска Арабија.
Во дописот се наведува дека официјална Доха е загрижена од фактот дека властите во Ријад не направиле ниту еден позитивен чекор во правец на укинување на забраните за оние што сакаат да отидат на аџилак од оваа заливска земја.
„Апелираме Саудиска Арабија итно да ги преземе сите потребни мерки за аџиите од Катар да имаат исти услови и слободи при извршување на верските обреди“, се наведува во дописот кој го потпиша претседателот на NHRC, Али бин Самих ал Мери.
Ал Мери понатаму предупредува дека периодот за аџилак е сè поблиску и дека на сила се забраните за директни авионски летови помеѓу Катар и Саудиска Арабија и оти копнената граница е затворена. Верниците од Катар не можеле да се пријават за аџилак ниту по електронски пат.
Од друга страна, Министерството за аџилак и умра на Саудиска Арабија пред два дена соопшти дека подготовките за овогодинешниот аџилак се завршени и дека во Мека и Медина од сите делови на светот се очекуваат да дојдат околу два милиони верници.
Во соопштението се наведува дека верниците од Катар, исто така, можат да го извршат верскиот обред аџилак, но со посредство на која било некатарска авиокомпанија.
Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и Бахреин минатата година ги прекинаа односите и го блокираа воздушниот простор и копнената граница на Катар кој го обвинуваат за поддршка на тероризмот.
Катар ги негира обвиненијата и барањата на другата срана ги смета за удар врз неговиот суверенитет.