Rıyaz Khalıq
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Кина денес го осуди т.н. потиснување на нејзиниот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ (Huawei) од страна на западните земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
„САД и нивните сојузници мора да престанат со неразумното потиснување на кинеските компании, вклучувајќи ја и компанијата „Хуавеј““, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, објави кинескиот сервис за вести ECNS.
Тој ја даде оваа изјава откако вчера Соединетите Американски Држави (САД) отворија две обвиненија поврзани со наводната незаконитост направена од „Хуавеј“, вклучувајќи и наводна кражба на трговски тајни.
САД, Франција и други западни држави изразија страв дека користењето на базните станици на „Хуавеј“ и други уреди би можело да му овозможи пристап на Пекинг до мрежната инфраструктура низ целиот свет, што би му овозможило да шпионира странски влади.
Обвинението од 13 точки ги товари „Хуавеј“, две подружници на „Хуавеј“ и главната финансиска директорка Менг Ванжу, за финансиска измама во врска со обидите да ги избегнат санкциите на САД за Иран.
Директорката за финансиски работи и ќерка на сопственикот на кинеската компанија „Хуавеј“, Менг Ванжу, по налог на САД беше уапсена на 1 декември во Канада, поради кршење на санкциите на Вашингтон кон Иран.
Отфрлајќи какви било прекршувања на законот или нешто погрешно сторено, компанијата „Хуавеј“ изрази разочарување во однос на обвиненијата против компанијата.
„„Хуавеј“ негира дека таа или нејзината подружница, извршила некое од наведените прекршувања на американскиот закон утврдени во секое обвинение, изјавувајќи дека не се запознаени со какво било погрешно постапување од страна на Менг и дека верува оти американските судови на крајот ќе го донесат истиот заклучок“, истакнаа од „Хуавеј“.