Saadet Gökce
17 Јуни 2025•Ажурирај: 22 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина денес остро го осуди повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до иранските граѓани да го напуштат Техеран, нарекувајќи го „долевање масло на огнот“ во екот на интензивираниот конфликт меѓу Иран и Израел, пренесува Анадолу.
„Долевањето масло на огнот, заканите и притисоците нема да помогнат да се смири ситуацијата – тие само ќе ги продлабочат противречностите и ќе го прошират конфликтот“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиаку, на прес-конференција во Пекинг, според државниот медиум „Глобал тајмс“.
Гуо посочи дека обновената ескалација на тензиите на Блискиот Исток не носи корист за никого и повика „вклучените страни, особено земјите со значително влијание врз Израел“ – алудирајќи на САД – да преземат одговорност и да дејствуваат за деескалација на ситуацијата.
Трамп претходно денес на „Трут соушал“ изјави дека „сите треба веднаш да го напуштат Техеран“.
„Иран требаше да го потпише ‘договорот’ што им го понудив. Штета и загуба на човечки животи. Едноставно кажано, Иран не смее да има нуклеарно оружје“, изјави Трамп.
Портпаролот Гуо додаде: „Итниот приоритет е прекин на непријателствата, преземање ефективни мерки за спречување натамошна ескалација и избегнување поголема нестабилност во регионот. Враќањето кон дијалог и политичко решение е консензусот на меѓународната заедница.“
Изјавата доаѓа и по заедничката декларација од страна на министрите за надворешни работи на 21 земја, кои вчера ги осудија израелските напади врз Иран и повикаа на деескалација, нуклеарно разоружување „без селективност“ и почитување на меѓународното право.
Дел од иницијативата се Турција, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Пакистан, Бахреин, Брунеи, Чад, Гамбија, Алжир, Коморите, Џибути, Саудиска Арабија, Судан, Сомалија, Ирак, Оман, Катар, Кувајт, Либија, Египет и Мавританија.
Пекинг „ја поздравува заедничката изјава на Египет и другите арапски, исламски и африкански земји и ги пофалува нивните напори за деескалација на ситуацијата“, изјави Гуо пред новинарите.
Тој, исто така, изрази „длабока загриженост“ за тоа што иранската државна телевизија беше цел на Израел, и ги повика сите страни „веднаш да преземат мерки за смирување на тензиите што е можно поскоро и да спречат регионот да западне во поголеми превирања“.
Прекинот на огнот и крајот на војната се од „најитна важност, а само дијалогот и консултациите можат да донесат траен мир“, рече Гуо.
Кинеската Амбасада во Тел Авив денес ги повика своите граѓани да го напуштат Израел „што е можно поскоро“.
Гуо рече дека Министерството за надворешни работи и амбасадите работат на „брза евакуација“ на кинеските граѓани од Иран и Израел.
Регионалните тензии ескалираа од петокот, кога Израел започна воздушни напади врз повеќе локации низ Иран, вклучувајќи воени и нуклеарни постројки, што го натера Техеран да започне одмазднички напади.
Израелските власти соопштија дека најмалку 24 лица се убиени, а стотици се повредени во иранските ракетни напади оттогаш.
Иран соопшти дека најмалку 224 лица се убиени, а над 1.000 се ранети во израелските напади.