Riyaz Khaliq Khaliq
30 Септември 2024•Ажурирај: 01 Октомври 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина денес ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) дека ги поддржуваат сецесионистичките сили во Тајван, нарекувајќи ги најголема закана за мирот и стабилноста во теснецот, објавија државните медиуми, пренесува Анадолу.
Реакцијата на Пекинг дојде откако американскиот претседател Џо Бајден одобри 567 милиони долари за одбранбена поддршка на Тајван, што се совпаѓа со подготовките на Кина за нејзиниот национален ден 1 октомври.
„Најголема закана за мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец и најзначајна штета на состојбата статус кво во теснецот доаѓа од сецесионистичките активности на силите за независност на Тајван и фаворизирањето и поддршката што ја добиваат од надворешните сили предводени од САД“, изјави за новинарите портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан во Пекинг.
„Независноста на Тајван е ќор-сокак, а инсистирањето на Америка да ја поддржи со сила неизбежно ќе предизвика штета“, додаде портпаролот Џијан.
Доцна синоќа Бајден одобри 567 милиони американски долари за „одбранбена опрема и услуги на Министерството за одбрана, како и воено образование и обука за да му се обезбеди помош на Тајван“.
Соопштението е објавено со согласност со американскиот Законот за странска помош на САД од 1961 година и дојде пред 75-годишнината од основањето на Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија.