Emre Aytekin
22 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
ПЕКИНГ (АА) - Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, истакна дека трети земји не треба да бидат принудени да заземаат страна во конкуренцијата меѓу Кина и Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на „Саут чајна морнинг пост“, министерот Ванг имал обраќање на онлајн состанок организиран од страна на индонезиската тинк-тенк „Foreign Policy Society“.
Нагласувајќи дека судбината и иднината на светот зависат од тоа како ќе се одвиваат односите меѓу Вашингтон и Пекинг, Ванг рече: „Наместо остра конкуренција заснована на разделби и намерно прекинување на контактите, потребен е позитивен и благ пристап кој ќе се заснова на принципот на заемна корист и каде што трети земји нема да бидат принудени да заземат страна во борбата за голема моќ. Треба да има позитивна и блага конкуренција.“
Повторувајќи ја аналогијата „САД и Кина се два огромни брода и тие не треба да се судираат еден со друг“ што претседателот Си Ѓинпинг ја кажа на состанокот со американскиот претседател Џо Бајден на 16 ноември, Ванг нагласи: „Секоја логика на играта со нулта суми, ќе им наштети на двете страни.“
- АСЕАН треба да игра поширока улога во регионот -
Посочувајќи дека Асоцијацијата на нациите на Југоисточна Азија (ASEAN) е за проширување на својата улога во регионот, Ванг рече дека тоа ќе придонесе за мирот и стабилноста на регионот преку економска соработка и развој, и ќе биде во интерес на сите земји.
Ванг наведе дека започнувањето конфликти и формирањето политички и воени фракции во индопацифичкиот регион ќе им наштети на мирот и просперитетот. „Ваквите иницијативи заслужуваат најсилен колективен бојкот.“
- Вашингтон го користи Тајван за да ја опколи Кина -
Изразувајќи дека противењето на независноста на Тајван ќе ги зголеми можностите за мир, стабилност и просперитет, Ванг ги обвини САД дека „проблемот со Тајван го користат за да ја опкружат Кина“.
Ванг нагласи дека властите на Тајван сакаат да ја искористат поддршката на САД за да стигнат до својата независност. „Ќе дадеме сè од себе за мирно обединување, но никогаш нема да толерираме каков било чин на поделба на земјата, никогаш нема да прифатиме ‘две кинески држави‘ или ‘една Кина, еден Тајван‘ на меѓународната сцена.“