Riyaz Khaliq
29 Јули 2020•Ажурирај: 29 Јули 2020
АНКАРА
Кина денеска потврди дека нема да се меша во претстојните претседателски избори во Соединетите Американски Држави (САД) кои треба да се одржат во ноември, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на прес-конференција во Пекинг, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, изјави: „Кина нема интерес и нема да се меша во изборите во САД и обвинувањата дека апликацијата „ТикТок“ се меша во изборите во САД е чиста измислица“, јавува „Глобал тајмс“ (Global Times).
Ваквиот коментар следуваше откако американските законодавци тврдеа дека кинеската социјална платформа за споделување видеоснимки „ТикТок“, можеби се обидува да манипулира со политичките дискусии поврзани со претседателските избори.
„Во голема мера сме загрижени дека [Кинеската комунистичка партија] би можела да ја искористи својата контрола врз „ТикТок“ за да ги искриви или манипулира [политичките] разговори, за да посее раздор меѓу Американците и да ги постигне своите претпочитани политички исходи“, велат пратениците, вклучувајќи ги Марко Рубио, Том Котон, во писмото упатено до Кабинетот на директорот на Националната разузнавачка служба, Министерството за внатрешна безбедност и Федералното биро за истраги.
Од „ТикТок“ ги негираа ваквите тврдења.
Одговарајќи на тврдењата дека кинеските хакери, наводно, ги имале за цел компјутерските мрежи на Ватикан од мај, Венбин рече: „Треба да се обезбедат доволно докази при истрагата и утврдувањето на природата на инцидентите во компјутерската безбедност. Не треба да се прават произволни претпоставки.“