Lokman İlhan
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
БОГОТА (АА) - Милиони жители низ градовите во Колумбија секоја недела уживаат во 120-километарските булевари и улиците коишто се затворени за сообраќај, а се отворени само за пешаците и велосипедистите. Станува збор за проектот „Цикловиа“ (Ciclovia), што во слободен превод значи велосипедска патека, кој има за цел да го промовира здравиот начин на живот и чистата животна средина, јавува Anadolu Agency (AA).
Секоја недела и за празниците од 7 до 14 часа, главните улици на Богота, Кали, Колумбија, Меделин и други колумбиски градови се затворени за моторен сообраќај, а се отворени за велосипедисти, тркачи, скејтери и други рекреативци.
Во парковите се поставуваат сцени на кои инструкторите за аеробик и јога, како и музичарите и уметниците одржуваат претстави и работилници.
Во неделниот фестивал за рекреативците, на булеварите и улиците долги над 120 километри, во колумбиските градови во просек уживаат два милиони велосипедисти.
„Цикловиа“ во Колумбија се одбележува точно четири децении, а најзаслужен за тоа е градоначалникот на Богота, Луис Прието Окампо, кој во 1976 година потпиша одлука со која беше воведена оваа практика.
Во последниве години, „Цикловиа“ се прошири и низ другите делови на светот, со што затворањето на улиците за сообраќај за моторни возила се практикува во градовите во САД, Аргентина, Австралија, Белгија, Бразил, Канада, Чиле, Мексико, Индија, Нов Зеланд и во други земји.