Fatih Erel
05 Декември 2016•Ажурирај: 05 Декември 2016
ЖЕНЕВА (АА) – Обединетите нации (ОН) упатија историски апел за хуманитарна помош во висина од 22,2 милијарди долари за следната година, на ниво на цел свет, за 92,8 милиони луѓе кои имаат потреба од итна хуманитарна помош и имаат потреба од заштита, јавува Anadolu Agency (AA).
ОН во својот Глобален план за хуманитарна помош за 2017 година, истакнува дека над 128,6 милиони луѓе низ светот имаат потреба од хуманитрна помош. За следната година, ОН имаат за цел да достават помош во 33 држави, првенствено во Сирија, Ирак, Јужен Судан, Јемен и во Нигерија, каде што луѓето имаат најголема потреба од хуманитарна помош.
Апелот што го упатија ОН за хуманитарна помош во вредност од 22,2 милијарди долари за 2017 година, досега е најголемиот апел за помош. За 2016 година, таа вредност изнесуваше 20,1 милијарди долари.
ОН планираат 8,1 милијарди долари, или околу третина од вкупната сума од 22,2 милијарди долари да се искористат за Сиријците. За потребите на 12,8 милиони лица во Сирија, во план е да се издвојат 3,4 милијарди долари, додека како помош на соседните држави, за 4,7 милиони бегалци, да се издвојат 4,7 милијарди долари.
Се планира за 10,3 милиони лица во Јемен, да бидат издвоени 1,9 милијарди долари. Во Јужен Судан, за 5,1 милиони луѓе ќе се издвојат 1,3 милијарди долари, на африканскиот континент за 1,9 милиони бегалци од Јужен Судан ќе се издвојат 1,21 милијарди долари, во Нигерија за 6,9 милиони луѓе, 1 милијарда долари, во Судан за 4,6 милиони луѓе, 952 милиони долари, а пак во Ирак, за 5,8 милиони луѓе ќе се издвојат 930 милиони долари.
За оваа година, собрани се 11,4 милијарди долари помош, меѓутоа во извештајот се наведува дека фондот има дефицит од 10,7 милијарди долари и поради немањето решение за воените судири што се случуваат во цел свет, секојдневно расте потребата од хуманитарна помош.