Ahmet Gürhan Kartal
12 Септември 2022•Ажурирај: 13 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Парламентот е жив инструмент на нашата демократија, изјави британскиот крал Чарлс Трети, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот прв говор пред британските пратеници тој рече дека кралицата Елизабета Втора „постави пример за несебична служба“, ветувајќи дека ќе го следи нејзиниот пример за посветеност кон уставната влада.
„Стоејќи пред вас денес не можам, а да не ја почувствувам тежината на историјата што нè опкружува, и која нè потсетува на виталните традиции на Парламентот на кои членовите на двата дома пружаат голема лична посветеност кон подобрувањето на сите нас“, рече Чарлс.
Тој истакна дека неговата покојна мајка „се заложила дека ќе ѝ служи на својата земја и на својот народ и дека ќе ги одржува значајните принципи на уставното владеење кои се во срцето на нашата нација“.
Кралот имаше краток говор на историскиот собир на членовите на Домот на лордовите и на Долниот дом во Вестминстерската палата.
На настанот говори со сочувство имаа Џон Мекфол, спикер на Домот на лордовите и Линдзи Хојл, спикер на Долниот дом на британскиот Парламент.
Кралот Чарлс беше придружуван од кралицата-придружничка Камила.
Елизабета Втора почина на својот имот „Балморал“ во Абердиншир, Шкотска, во четвртокот на 96-годишна возраст.
Нејзините посмртни останки беа донесени во палатата Холирудхаус во Единбург вчера (недела), а ќе бидат поставени во катедралата Сент Гилс во шкотската престолнина со поворка на која ќе присуствуваат Чарлс Трети и членовите на кралското семејство.
Ковчегот со посмртни останки ќе биде пренесен во Лондон утре (вторник) и однесен во Бакингемската палата пред да биде однесен во Вестминстерската палата следниот ден, каде што ќе биде изложен до погребот на кралицата на 19 септември.