Dmitri Chirciu
21 Јули 2022•Ажурирај: 22 Јули 2022
МОСКВА (АА) - Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, изјави дека Европската Унија (ЕУ) со санкциите против Русија му наштетува на сопственото општество, известува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Песков во Москва им се обрати на новинарите во врска со актуелните прашања.
Коментирајќи го новиот пакет санкции кои ЕУ планира да ги воведе кон Русија, а кои содржат забрана за увоз на злато и накит од Русија, Песков за споменатите санкции рече дека тие „нема да предизвикаат промени во позицијата на Русија“.
„ЕУ налудничаво претпочита да воведува санкции кои им штетат на нејзините интереси и на интересите на нејзиното општество. Европскиот народ почна да страда поради санкциите и последиците од одлуките донесени од ЕУ“, изјави Песков.
Осврнувајќи се на прашањето за испораката на рускиот природен гас во Европа, Песков рече дека претставниците на ЕУ изјавиле „Русија, ситуацијата со природниот гас ја користи како уцена за да изврши политички притисок“.
„Ваквите изјави во потполност се лажни и ние ги отфрламе. Сите технолошки потешкотии во испораката на гас се должат на ограничувањата наметнати од ЕУ. Овие ограничувања не дозволуваат да се прават поправки на опремата, вклучувајќи ги и турбините“, посочи Песков.
Песков истакна дека руската енергетска компанија „Гаспром“ е подготвена во целост да ги исполни своите обврски во врска со испораката на гас.