Elena Teslova
06 Мај 2022•Ажурирај: 08 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, реториката на полските политичари против Русија ја нарече „отворено непријателска“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој понатаму рече дека Полска може да претставува закана за територијалниот интегритет на Украина бидејќи полските власти често споменуваат дека дел од територијата на Украина се состои од „историски полски земји“.
„Имаше многу непријателска реторика од Полска во изминатите месеци, долго време не е пријателски настроена, но во изминатите месеци таа стана непријателски настроена, а фактот дека Полска може да претставува закана за територијалниот интегритет на Украина е очигледен“, рече Песков.
Претходно, руската разузнавачка служба тврдеше дека Полска може да испрати свои војници во западниот дел на Украина под изговор за помош против „руската агресија“.
Во меѓувреме, белорускиот претседател Александар Лукашенко рече дека Русија, Украина и Белорусија подоцна би можеле да се борат заедно против Полска во обид да се врати територијалниот интегритет на Украина.
Портпаролот на Кремљ одби да ја коментира изјавата на Лукашенко.
Тензиите во Источна Европа се зголемија откако на 24 февруари Русија ја започна војната во Украина.
Најмалку 3.280 цивили загинаа и 3.451 цивил се повредени во Украина од почетокот на војната со Русија на 24 февруари, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Повеќе од 5,7 милиони луѓе заминаа во други земји, а околу 7,7 милиони луѓе се внатрешно раселени, според податоците на Агенцијата за бегалци на ОН.