Ali Cura
01 Април 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
МОСКВА
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека Русија презема мерки вдолж своите граници со цел осигурување на безбедноста против зголемените воени активности на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Песков одговори на новинарските прашања во врска со зголемувањето на активностите на украинската граница од страна на Русија.
Тој го потврди зголемувањето на овие активности, при што рече: „Русија на своите територии ги движи своите вооружени сили со дискреција. Тоа не треба да го вознемирува никого, и тоа не претставува закана за никого.“
Според него, НАТО ги зголемило воените активности на руската граница.
„Русија презема потребни мерки за осигурување на безбедноста на своите граници. Знаете дека вдолж границите на Русија, НАТО, другите трупи, како и вооружените сили на другите земји, ги зголемиле своите активности. Сето тоа нѐ тера да бидеме на штрек“, додаде тој.
Песков говореше и за тврдењата во врска со присуството на руските воени трупи во источниот дел на Украина.
„Руските трупи никогаш не учествувале и не учествуваат во воените судири на териториите на Украина. Тоа е внатрешен конфликт на Украина“, рече Песков.
Исто така, тој тврди дека Вооружените сили на Украина вршат провокација, и дека Русија, европските земји и другите земји во светот не сакаат да има граѓанска војна во Украина.