Elena Teslova
14 Септември 2023•Ажурирај: 14 Септември 2023
МОСКВА (АА) - Единаесет украински беспилотни летала беа соборени над полуостровот Крим утринава, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува Анадолу.
„На 14 септември, околу 5:30 часот по московско време (0230 GMT), беше запрен обидот на режимот во Киев да изврши терористички напад со беспилотно летало од типот на авион, врз објекти на територијата на Руската Федерација. Дежурната противвоздушна одбрана уништи 11 беспилотни летала“, се вели во соопштението на Министерството.
Украинскиот полуостров Крим е под руска контрола од 2014 година, кога илегално беше анектиран од Москва.
Друг напад на Црноморската флота, исто така, бил спречен кога Украинските вооружени сили се обиделе да го потопат патролниот брод „Сергеј Котов“ со пет чамци без екипаж, кои биле уништени, се додава во соопштението.
Министерството, исто така, соопшти дека четири напади со беспилотни летала биле одбиени во руската област Брјанск, што се граничи со Украина.
Нападите со беспилотни летала во Русија драматично се зголемија во последниве месеци, особено во Москва и во руските региони кои граничат со Украина, а властите обвинуваат дека зад нив стои Украина.
Иако Киев не ја презеде одговорноста, украинскиот претседател Владимир Зеленски во јули изјави дека нападите на руска територија се „неизбежен, природен и апсолутно фер процес“.