Burç Eruygur
04 Април 2023•Ажурирај: 05 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Членството на Финска во НАТО ќе ја принуди Москва да преземе контрамерки, предупреди денес Кремљ, јавува Анадолу.
„Кремљ смета дека ова е уште една ескалација на ситуацијата, дека проширувањето на НАТО е посегнување по нашата безбедност и интересите на Руската Федерација. Токму така гледаме на тоа. Ќе преземеме контрамерки за да обезбедиме сопствена тактичка и стратешка безбедност“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој рече дека ќе бидат преземени контрамерки кои Москва ги смета за неопходни, додавајќи дека Руските вооружени сили ќе известуваат за одговорот на акциите на НАТО во Финска.
„Верувајте ми, нашата армија навремено ќе нè информира за сè... Внимателно ќе следиме што се случува во Финска, како Северноатлантската алијанса ќе ја експлоатира територијата во Финска во однос на поставување оружје, системи и инфраструктура што ќе бидат блиску до нашите граници и потенцијално ќе нè загрозуваат. Во зависност од тоа ќе бидат преземени мерки“, нагласи Песков.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера изјави дека Финска денес ќе стане полноправна членка на Алијансата.
Менувајќи ја долгогодишната политика, Финска ја објави својата намера да се приклучи на НАТО веднаш откако Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година делумно за да спречи каков било потег на Украина да се приклучи на НАТО.
Со влезот на Финска во НАТО, границата на НАТО со Русија ќе биде речиси двојно поголема.