Elena Teslova
21 Декември 2018•Ажурирај: 22 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес изјави дека израелско-палестинскиот договор е невозможен без САД, и дека Вашингтон не може да формира решение самостојно, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на прес-конференција по состанокот со неговиот палестински колега Ријад ал Малики, Лавров ја потврди подготвеноста на Москва да организира состанок меѓу палестинските фракции Фатах и Хамас, како и состанок меѓу израелските и палестинските лидери.
Тој рече дека палестинската разединетост го попречува почетокот на директните разговори со Израел и ги повика сите Палестинци да се помират и да му дадат на Рамалах овластување да преговара.
Од своја страна, Ал Малики го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за „преправање“ дека е подготвен за средба со палестинските лидери без предуслови, велејќи: „Кога станува збор за договорот, Нетанјаху некако го избегнува“.
- Почекајте и гледајте на повлекувањето на САД од Сирија -
Коментирајќи ја изненадувачката американска најава дека ќе ги повлече своите војници од Сирија, Лавров рече: „Повлекувањето на трупите е чекор во вистинската насока“.
„Прашање е дали ќе се спроведе тоа“, додаде тој, осврнувајќи се на повлекувањето на САД од Ирак и нивното подоцнежно враќање и честото ветување за ставање крај на своето воено присуство во Авганистан.
„Би сакал да видам како ќе се спроведува оваа иницијатива, која следува по објавувањето. Колку што слушнав, тоа поттикнува многу прашања дури и во САД, па да почекаме за разјаснување на ситуацијата“, рече тој.
Портпаролот на руското Претседателство, Дмитри Песков, изјави дека Москва има многу прашалници околу тоа како одлуката на САД за напуштање на трупите од Сирија ќе се имплементира и дали воопшто ќе се имплементира, и за тоа што следува по неа.
На социјалната мрежа Твитер американскиот претседател, Доналд Трамп, изненадно објави победа над ДЕАШ во Сирија, велејќи дека поразувањето на ДЕАШ е единствената причина за присуството на САД во земјата.
Извештаите велат дека американските сили ќе заминат во рок од 60 до 100 дена.
САД ја започнаа својата воздушна кампања во Сирија во 2014 година, распоредувајќи ги трупите во земјата за да помогнат во борбата против ДЕАШ, заедно со локалните партнери една година подоцна.