Gözde Bayar
28 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Либиската Влада за национално единство, признаена од ОН, вчера изведе воздушен напад врз оперативниот центар на водачот на милициските сили на истокот на земјата Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Силите на Владата изведоа напад врз оперативниот центар во источното подрачје Ал Вашака на крајбрежниот град Сирте“, се истакнува во соопштението на штабот на операцијата „Буркан ал-Гадаб“ (Вулкан на гневот).
Портпаролот на операцијата предводена од Владата на национално единство, Мустафа ал-Маџеи, за АА изјави дека нападот е изведен против силите лојални на Хафтар, како одговор на нападот на Обединетите Арапски Емирати во северозападната покраина Мисрата во четвртокот.
Тој исто така рече дека силите на Владата на национално единство постигнале напредок во тековната операција „Бура на мирот“ околу Триполи.
Во четвртокот, силите на Владата на национално единство ја започнаа операцијата „Бура на мирот“ како одговор на нападите од силите на Хафтар.
Од соборувањето на Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се формираа две места на надмоќ: едното на воениот водач Хафтар во источна Либија, поддржан од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а другото на Владата на национално единство во Триполи, која ужива поддршка на Обединетите нации (ОН) и е меѓународно призната.
Легитимната Влада во Либија е под напади на силите на Хафтар од минатиот април, во кои загинаа над 1.000 луѓе.