Alma Dekovic
06 Септември 2022•Ажурирај: 07 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Лиз Трас е официјално новата премиерка на Велика Британија по средбата со кралицата Елизабета Втора во Шкотска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трас се состана со британската кралица во замокот Балморал во Шкотска, каде што формално е назначена за премиерка.
Бакингемската палата соопшти дека кралицата побарала од Трас да формира нова администрација.
Веднаш по преземањето на функцијата, Трас се соочи со тешка задача пред сè во услови на зголемен притисок да ги заузда растечките цени, да ги ублажи социјалните немири и да го поправи здравствениот систем погоден од долгите листи на чекање и недостатокот на персонал.
Еден од најголемите предизвици е енергетската криза предизвикана од руската инвазија на Украина, што се заканува да ги зголеми сметките за струја на недостапни нивоа и да ги затвори бизнисите и да ги остави сиромашните без греење.
Постојат наводи дека Трас би можела да размисли за замрзнување на сметките за енергија оваа зима по цена што би можела да биде и до 100 милијарди фунти.
Поранешната британска министерка за надворешни работи Лиз Трас (46) вчера официјално беше избрана за нов лидер на Конзервативната партија и премиер на Велика Британија, на местото на Борис Џонсон.
Трас го победи својот партиски ривал Риши Сунак во гласањето за лидерство на Конзервативната партија.