Lokman İlhan
27 Септември 2018•Ажурирај: 27 Септември 2018
БОГОТА (АА) - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро од ОН побара да спроведат опсежна меѓународна истрага за обидот за атентат кој го преживеа на почетокот на минатиот месец, јавува Anadolu Agency (AA).
Мадуро во обраќањето на заседанието на Генералното собрание на ОН изјави дека венецуелската полиција уапсила 28 лица осомничени за неодамнешниот обид за атентат на јавниот собир во Каракас.
„Сите уапсени ја признаа вмешаноста во нападот и сето тоа укажува дека обидот за атентат е планиран и финансиран од територијата на САД. Фатените лица признаа дека поминале долга обука во Колумбија“, изјави Мадуро.
Мадуро, исто така ги обвини и дипломатите на Мексико, Чиле и Колумбија за пружање поддршка на атентаторите.
„Венецуела е отворена за меѓународна истрага. Бараме ОН да го именуваат истражниот тим и да спроведат опсежна независна истрага“, изјави Мадуро.
Потсетувајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјавил дека е подготвен да се состане со него, доколку тоа е од корист за Венецуела, Мадуро изјави дека и тој е подготвен за таква средба.
„Од оваа говорница сакам да порачам дека сум работник, возач на автобус, човек од народот. Не сум елита ниту сум милионер. И покрај нашите идеолошки и општествени разлики, подготвен сум да стиснам рака и да седнам на преговарачка маса со американскиот претседател за да разговараме за разликите и регионалните теми“, порача Мадуро.
Тој на крајот од обраќањето порача дека Венецуела го поддржува палестинскиот народ кој бара правда и основање на независна Палестина во границите од 1947 година.