Hamdi Yıldız
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ВИТЛЕЕМ (АА) - Манастирот Мар Саба (Св. Сава) стар 1.500 години, кој се наоѓа во близина на палестинскиот град Витлеем, негува голем број уникатни традиции. Во рамките на тие традиции, на женските посетители не им е дозволен влез во манастирот, пишува Anadolu Agency (AA).
Манастирот Мар Саба е изграден на рид во руралното подрачје на појасот Убејдије, кој се наоѓа 20 километри јужно од градот Витлеем.
Се истакнува дека Јован Дамаскин, значајна личност во христијанскиот свет, долго време престојувал во овој манастир, и оти темелите на голем број ритуали на Православната црква за првпат биле поставени тука, а потоа се ширеле во светот.
- Жени не смеат да влезат во манастирот -
Свештеникот Келаритош, во разговор со АА истакна дека манастирот е изграден во петтиот век, од страна на свети Сава (Мар Саба), кој заедно со неговите ученици дошол во овој регион.
Манастирот Мар Саба привлекува внимание со тоа што со векови чувал голем број уникатни традиции. Во овие рамки, на жените не им е дозволен влез во манастирот.
Локалните жени или туристките кои со тешкотии се качуваат на ридот каде што се наоѓа манастирот, принудени се да чекаат пред вратата на главниот влез на манастирот.
„Жени не можат да влезат во тие манастири каде што престојуваат машки свештеници. Исто така, ние тука постојано сме зафатени со молитви. Не е во ред да има жени во нашата околина“, нагласи свештеникот Келаритош во врска со тоа зошто жени не се дозволува да влезат во манастирот.
Според едно друго верување што го кажаа жителите на регионот, се верува дека ќе се случи земјотрес доколку жени влезат во манастирот, па затоа не е дозволено тие да влезат.
- Подарок за посетителите: ибрик со вода и палмина гранка -
Иако е забранет влезот на жените во манастирот, свештениците не ги враќаат посетителите со празни раце. Ним им подаруваат еден ибрик вода и една гранка од урма.
Се верува дека водата зовриена со гранчето од урма е добра за различни болести, а најмногу за стерилитет.
- Без комуникација со надворешниот свет -
Во манастирот Мар Саба не се користи технологија, ниту електрична енергија, и таму нема комуникација со надворешниот свет.
Епископот Теофанес од грчката православна патријаршија во Ерусалим, кој живее во овој манастир, истакна дека во манастирот Мар Саба престојуваат 15 свештеници, кои постојано се молат.
Теофанес пренесе дека секоја година илјадници лица доаѓаат во овој историски манастир, и додаде дека повеќето од посетителите се од Русија, Бугарија, Србија и од Грција.
- 300 илјади посетители годишно -
Градоначалникот на областа Убејдије, Наџи Редајде, нагласи дека манастирот Мар Саба со внатрешната и надворешната архитектура, фреските (ѕидни слики), и со ќелиите за молитви, е ретко уметничко дело.
Редајде информираше дека се вршат интензивни подготовки манастирот да биде вклучен во Листата на светското културно наследство на УНЕСКО, и додаде дека во почетокот на наредната година ќе поднесат официјално барање за тоа.
Исто така, Редајде вели дека и од туристички аспект се работи за значаен центар. „Годишно 300 илјади лица го посетуваат манастирот. Очекуваме бројот на посетителите да се зголеми откако ќе се вклучи во Листата на светските културни наследства на УНЕСКО“, истакна Редајде за АА.