Mehmet Alaca
29 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Финската премиерка Сана Марин изјави дека е невозможно да се предвиди кога Туркије и Унгарија ќе го одобрат членството на нејзината земја во НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според финскиот портал „YLE“, премиерката Марин го коментира процесот за придружување на нејзината земја во НАТО.
Истакнувајќи дека е невозможно да се предвиди кога Туркије и Унгарија ќе го одобрат членството на нејзината земја во НАТО, Марин рече дека се надева дека тоа ќе се одвива брзо.
„Секако, се надеваме дека работите брзо ќе напредуваат во тој поглед“, рече таа.
Марин ги коментираше и опциите за распоредување бази на НАТО и нуклеарно оружје на територијата на Финска.
„Кога станува збор за постојани бази или нуклеарно оружје, мислам дека е многу важно да не поставуваме такви предуслови ниту да го ограничиме нашиот маневарски простор“, рече финската премиерка.
Таа додаде дека верува дека сепак е малку веројатно нуклеарно оружје да биде распоредено на финска територија.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во јуни оваа година, одлука што беше поттикната од руската војна против Украина. Меѓутоа, Туркије, како членка на НАТО, изрази забелешки за нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги за толерирање, па дури и за поддржување на терористичките организации.
Трите држави потпишаа трилатерален меморандум за разбирање на јунскиот самит на НАТО во Мадрид, со кој се предвидува Финска и Шведска повеќе да не даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ниту на терористичката организација ФЕТО, одговорна за неуспешниот обид за воен удар во Туркије.
Финска и Шведска, исто така, се согласија да се посветат на барањата на Анкара за депортирање или екстрадиција на осомничените за тероризам.
Турскиот Парламент мора да го ратификува одобрението за Шведска и Финска да станат нови членки на НАТО.