Handan Kazancı
29 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
ВАШИНГТОН
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, најостро го осуди третманот што власта во Кина го има врз ујгурското муслиманско малцинство и го повика официјален Пекинг да ја почитува и штити слободата на вероисповед, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Репресивната кампања на Кинеската комунистичка партија од Тибет до Синџар не е поврзана со борбата против тероризмот“, порача Помпео на социјалната мрежа Твитер.
Помпео во продолжение ја обвини Комунистичката партија на Кина дека се обидува да ја избрише вероисповедта и културата на сопствените граѓани и порача дека сите општества мора да ги почитуваат и штитат верските слободи.
Автономната покраина Синџар е најголема кинеска покраина во која доминантно живее муслиманско население, составено од припадници на турската етничка заедница Ујгури и етнички Казахстанци.
Кинеската организација за заштита на човековите права веќе извесен период се обидува на меѓународната јавност да ѝ укаже на проблемот на ујгурската заедница во Синџар, каде што милиони луѓе се затворени во логори именувани како кампови за доедукација.
И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (HRW) во својот неодамнешен извештај наведе дека многу луѓе во Синџар во изминатите две години завршиле во притвор во таканаречените центри за политичка едукација, а станува збор за лица што властите ги оцениле како опасни и против нив наредиле таканаречено превентивно полициско дејствување.
Европската Унија изрази загриженост поради постоењето на тие центри за политичка едукација и тоа јасно им го пренесе на кинеските официјални лица на состанокот за Дијалог за човековите права.
Официјален Пекинг го негира постоењето на таквите логори во Синџар, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврдат дека станува збор за центри што се користат исклучиво за стручно образование.