Ayhan Şimşek
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел ја обвини Русија за хакерска кампања насочена кон неа и многумина други пратеници во Бундестагот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во Парламентот за време на сесијата на прашања и одговори, Меркел рече дека тие имаат силни докази кои укажуваат на тоа дека руски агенции стојат зад кибернападот во 2015 година, кој ги таргетираше компјутерите во нејзината канцеларија и канцелариите на парламетарците.
„Ова е скандалозно“, истакна таа и ги потврди наводите на медиумите дека неодамна завршената истрага од страна на Главното федерално обвинителство открила многу детали и го идентификувала осомничениот хакер.
Неделниот весник „Дер Шпигел“ (Der Spiegel) минатата недела објави дека осомничениот е руски воен разузнавач, и дека властите издале потерница за него.
Меркел рече дека Русија води стратегија на хибридно војување преку споведување на такви компјутерски напади и преку ширење на искривени факти.
„И покрај тоа ќе продолжам со напорите за добри односи со Русија затоа што верувам дека постојат сите причини да ги продолжам овие дипломатски напори, но секако, ова што се случи нема да го олесни тоа“, рече Меркел.