Ahmet Furkan Mercan
13 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
ТОКИО (АА) - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во декември ќе испрати делегација за да го надгледува планот за испуштање радиоактивни отпадни води од нуклеарната централа „Фукушима Даи-ичи“ во морето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Делегацијата предводена од Лидие Еврар, шефицата на Одделот за нуклеарна безбедност на МААЕ во Јапонија, ја обиколи нуклеарната централа „Даи-ичи“ во префектурата Фукушима, на североистокот од земјата.
Еврар, која подоцна се состана со државниот министер за економија, трговија и индустрија, Еџима Кијоши, на прес-конференцијата одржана преку видеоконференција ја оцени посетата на Јапонија како конструктивна и продуктивна.
Еврар наведе дека МААЕ ќе испрати експертски тим во нуклеарната централа „Фукушима Даи-ичи“ во декември за да го надгледува планот за испуштање радиоактивни отпадни води во морето.
Нагласувајќи ја „важноста на транспарентноста и научната непристрасност за време на теренската проверка“, Еврар рече дека МААЕ е посветена на сеопфатноста и објективноста на евалуацијата и дека резултатите ќе бидат соопштени на меѓународната заедница.
Според агенцијата „Кјодо“, експертскиот тим ќе ги анализира отпадните води планирани за испуштање, ќе ја испита соодветноста на сегашната шема и ќе ги процени влијанијата врз животната средина.
Се нагласува дека по завршување на процесот, експертскиот тим ќе го претстави пред јавноста извештајот што ќе го подготви.
Јапонскиот премиер Суга Јошихиде во април соопшти дека отпадната вода акумулирана во електраната, која беше оштетена во земјотресот и цунамито што се случија во регионот пред 10 години, ќе биде пуштена во Тихиот Океан.
Соседните земји како што се Кина, Јужна Кореја и Тајван реагираа на одлуката на Владата во Токио. САД соопштија дека имаат „разбирање“, а МААЕ информираше дека ја поддржуваат.