Islam Uddin
13 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Северна Кореја викендов изврши успешно тестирање на својата нова крстосувачка ракета со долг дострел, објавија денес државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Корејската централна новинска агенција се вели дека Академијата за одбранбени науки на земјата во саботата и неделата успешно тестирала нов вид крстосувачка ракета со долг дострел.
„Лансираните крстосувачки ракети со долг дострел патуваа 7.580 секунди (126 минути) по овални и орбити на лет со изглед на бројката 8 над копното и водите на Северна Кореја (Демократска Народна Република Кореја) и погодија цели оддалечени 1.500 километри“, се вели во соопштението.
Најновото тестирање дојде по минатомесечните заеднички воени вежби помеѓу САД и Јужна Кореја, за кои реагираше Пјонгјанг нарекувајќи ги „закана за нивната безбедност“.
Заедничките воени вежби се случија по еден месец откако Северна Кореја и Јужна Кореја ги обновија прекуграничните комуникациски линии, што беа прекинати од страна на Пјонгјанг во јуни минатата година.
Северна Кореја ја прекина комуникацијата со Јужна Кореја и ја разнесе интеркорејската Канцеларија за врска покрај границата во јуни 2020 година.
Претходно во јануари, само неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде функцијата, Пјонгјанг спроведе тестирање на крстосувачки ракети. Во март Северна Кореја повторно тестираше нова тактичка балистичка ракета со краток дострел.
Реагирајќи на потегот на Северна Кореја, Бајден предупреди дека ќе има „одговор“ доколку Северна Кореја продолжи со такви ескалации.
Како одговор, Северна Кореја рече дека Вашингтон може да се соочи со „несакани случувања“ доколку продолжи со провокациите и „вообичаеното непријателство“ против Пјонгјанг.