Ahmet Gürhan Kartal
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
ЛОНДОН (АА) - Владата на Велика Британија нема да го спроведе значајното гласање за Договорот за Брегзит во Парламентот закажано за следнава недела, изјави денеска британската премиерка Тереза Меј, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето пред нејзиното заминување во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на Црвеното Море, каде што се одржува Самитот помеѓу ЕУ и Арапската лига, Меј истакна дека нејзиниот преговарачки тим за Брегзит ќе продолжи со разговорите со официјалните претставници на ЕУ за да обезбеди договор што може да биде поддржан од мнозинството во британскиот Парламент.
„Поради тоа, оваа недела нема да се случи значајното гласање во Парламентот, но ние ќе овозможиме тоа да се случи до 12 март“, рече Меј.
„Но сé уште е во нашиот досег да ја напуштиме Европската Унија со договор на 29 март“, додаде таа.
Реагирајќи на повиците за продолжување на членот 50, за повеќе време за преговарање, Меј рече дека нема да го реши ќор-сокакот.
Тројца министри од Кабинетот овој викенд предупредија за последиците од евентуален Брегзит без договор.
Во статија за „Дејли мејл“ („Daily Mail“), министерката за труд и пензии, Амбер Руд, министерот за правда, Дејвид Гок и министерот за бизнис, Грег Кларк, рекоа дека тие ќе гласаат за да ѝ дадат на Британија повеќе време да преговара за договор со Европската Унија.
Тие напишаа дека неуредниот Брегзит ќе ги разгори историските погранични тензии меѓу Северна Ирска и Република Ирска, и дека на крајот може да доведе до растурање на Обединетото Кралство, покрај големиот удар врз работните места, трговијата и економијата.
Можноста за Брегзит без договор се зголеми откако Договорот постигнат меѓу ЕУ и британската Влада беше отфрлен со огромно мнозинство во Парламентот, а земјата треба да ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година.
Меј од одбивањето на Договорот во Парламентот одржува состаноци со претставници на ЕУ, откако истакна дека ирската клаузула за границата на Ирска ќе биде заменета со „алтернативна спогодба“.
Сепак, ЕУ соопшти дека Договорот за Брегзит не треба повторно да биде отворен за преговори.
Британскиот Парламент требаше да расправа и да гласа за наводно изменетиот Договор за Брегзит следната недела, бидејќи останува малку повеќе од еден месец пред датумот за излез на Велика Британија од ЕУ на 29 март.