Necva Taştan Sevinç
14 Август 2026•Ажурирано: 14 Август 2026
Италија официјално ја известила Германија дека нема да прифати враќање на мигрантите кои првпат влегле во Европската Унија преку италијанска територија, јавува Анадолу.
Италијанското Министерство за внатрешни работи испратило официјално известување до германската Влада со кое го отфрла трансферот на мигранти опфатени со Даблинските правила на ЕУ, објави вчера јавниот радиодифузер „Раи њуз“.
Даблинскиот систем генерално ја доделува одговорноста за разгледување на барањето за азил на земјата од ЕУ преку која барателот првпат влегол во блокот.
Спорот, наводно, се однесува на три случаи поврзани со протерувања, кои датираат од пред 12 јуни, кога стапи на сила новиот пакт на ЕУ за миграција и азил.
Рим смета дека мигрантите се опфатени со таканаречената „амнестија за барателите на азил под Дaблинскиот систем“, вклучена во договорот потпишан со Германија во декември минатата година, според наводите.
Италијанските власти, исто така, се повикале на механизам за „компензација“, кој ги зема предвид мигрантите донесени во Италија со пловила управувани од германски невладини организации.
Овој потег доаѓа во услови на зголемени тензии во врска со миграцијата во ЕУ, по пристигнувањето на десетици илјади мигранти во шпанската северноафриканска енклава Сеута кон крајот на јули.
Италија потоа воведе привремени контроли на воздушната и поморската граница со Шпанија, оценувајќи дека мерката е неопходна за заштита на националната безбедност и европскиот систем за контрола на границите.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони во средата изјави дека нејзината Влада ќе продолжи со депортациите на нерегуларните мигранти и ќе ја зајакне заштитата на границите.
„Одбрана на границите, безбедност, почитување на правилата: ќе продолжиме по овој пат“, рече Мелони.