İlayda Çakırtekin
14 Август 2026•Ажурирано: 14 Август 2026
Шпанската Влада одобри нуклеарната централа Алмараз да продолжи со работа до 2030 година, согласно со одлуката објавена денес во Службениот весник на земјата, јавува Анадолу.
Одлуката за продолжување на дозволите за работа на блоковите 1 и 2 овозможува двата реактора во централата да работат до 8 јуни 2030 година.
Според операторот „Централес нуклеарес Алмараз-Триљо“, централата во западната провинција Касерес произведува околу 7 отсто од годишната побарувачка на електрична енергија во Шпанија, што е еквивалентно на потрошувачката на околу 4 милиони домаќинства.
Тројцата сопственици на централата, „Ибердрола“, „Ендеса“ и „Натурџи“ во октомври 2025 година побараа продолжување на работниот век на реакторите.
Претходно беше планирано реакторите постепено да бидат затворени, при што блокот 1 требаше да престане со работа на 1 ноември 2027 година, а блокот 2 на 31 октомври 2028 година.
Во наредбата издадена од Министерството за еколошка транзиција се наведува дека продолжувањето е условено со почитување на безбедносните услови и упатствата утврдени од Советот за нуклеарна безбедност.
Министерството соопшти дека централата е безбедна и дека ќе продолжи да работи „без трошоци за граѓаните“, објави шпанскиот јавен радиодифузер РТВЕ.
Министерството го оправда продолжувањето со повикување на „новиот меѓународен енергетски контекст и нестабилноста на цените на гасот како резултат на кризата на Блискиот Исток“.
Во исто време, извори од Министерството изјавија за РТВЕ дека продолжувањето на работата на централата не го менува планот на Владата целосно да ја укине употребата на нуклеарната енергија во Шпанија до 2035 година.
Планираното постепено укинување на нуклеарната енергија се одвива во услови кога обновливите извори заземаат сè поголем удел во енергетскиот микс на Шпанија, произведувајќи 56,6 отсто од електричната енергија во земјата во 2025 година, според националниот оператор на електроенергетската мрежа.