АТИНА (АА) – „Предизвиците се многу сериозни, и ние треба да продолжиме да им пристапуваме заеднички“.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, во неодамнешното обраќање при неговата втора посета во Грција, по помалку од една година, рече дека европската земја се справува со хронични економски проблеми и со голем бран на миграција.
Високиот претставник на ОН, кој ја презеде функцијата на почетокот на 2016 година, рече дека условите за живеење, безбедноста во местата каде што престојуваат мигрантите и пренатрупаноста на грчките острови значат дека на Атина ѝ е потребна сета можна помош, особено од земјите од Европската Унија.
Според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци, бреговите на Грција и егејските острови како Лезбос, Хиос и Кос беа порти кон земјите од ЕУ за над 856.000 бегалци и мигранти од Сирија, Ирак и од Авганистан минатата година.
Како што се зголемуваше приливот на бегалци, Грција се соочи со притисок од Европската комисија да изгради прифатни центри за бегалците и да го запре масовниот прилив кон северна Европа.
Многумина мигранти пристигнаа во текот на летото, кога Грците минуваа низ болен процес на преговори со меѓународните кредитори – разговори коишто завршија со договорот за финансиска помош.
Финансиски ослабената Грција се бори оттогаш – и многумина во земјата се несреќни поради забележливиот недостаток на поддршка од Европа.
Во ноември 2015 година, ЕУ започна со шемата за прераспределување на 160.000 баратели на азил во период од две години, од најпогодените пристаништа за влез кон другите земји-членки на ЕУ.
Ова е приближно бројот на мигранти што досега стигнаа до Грција оваа година.
Според официјалните податоци, досега нешто повеќе од 3.000 бегалци беа преселени од Грција, во другите земји-членки на ЕУ.
ОН ја набљудуваат оваа безизлезна ситуација со фрустрација. Говорејќи во Атина минатата недела, Гранди рече: „Јас ќе продолжам да се залагам овие програми да бидат поголеми и позабрзани“.
„Тоа може и мора да профункционира“, додаде тој.
- Договорот ЕУ/Турција -
И покрај фактот што приливот на бегалци во голем обем се намали како резултат на договорот меѓу ЕУ и Турција во март 2016 година – што го вклучува нивното враќање од Грција на турска територија – грчките власти велат дека ситуацијата е нестабилна.
Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас минатата недела предупреди дека уште 180.000 бегалци и мигранти би дошле во Грција во последните три месеци, доколку не постоел договорот меѓу ЕУ и Турција.
За време на прес-конференцијата, Музалас за новинарите изјави дека ситуацијата со мигрантите во копнениот дел на Грција сега може да се држи под контрола, што се должи на програмата за пред-регистрација финансирана од ЕУ.
Почнувајќи од 8 јуни оваа година, секој мигрант со привремено сместување кој го завршил процесот на пререгистрација добил картичка за барател на азил. Овој едногодишен документ му обезбедува пристап до услуги додека го чека исходот од неговото барање за азил.
Според официјалните податоци, меѓу 9 и 30 јули, речиси 27.600 мигранти што живеат во камповите на копнениот дел од Грција го поминале процесот на пререгистрација.
За Anadolu Agency, портпаролката на Агенцијата за бегалци на ОН во Грција, Аикатерини Китиди рече дека со затворањето на границите на северните балкански соседи, барањата за азил се натрупале.
Ова предизвика „голема волја за пререгистрација“ меѓу мигрантите, кои се свртеа кон грчките власти за азил.
Сепак, програмата идентификува само колку лица имаат право на престој во Грција или во други земји од ЕУ – не како тие би биле поддржани. За таа цел, сè уште е потребна поголема поддршка од ЕУ – нешто што ги фрустира Атина и ОН.
Музалас го критикуваше одбивањето на ЕУ да се усогласи со потпишаниот план за реалокација, велејќи: „7.000 луѓе се подготвени да се преселат, но не постојат земји што сакаат да ги прифатат“.
- Животните услови -
Иако Грција сè уште ужива во августовското сонце, размислувањата за зимата не се далеку за оние што работат со мигрантите – креаторите на политиката, исто така, се свесни за претстојните тешкотии.
„Зимата доаѓа, а сè уште има илјадници луѓе кои живеат на места што сè уште немаат стандардни услови“, рече Гранди на својот последен ден во Грција.
„Важно е да се подобрат условите со цел да се минимизираат факторите на ризик на кои се изложени овие луѓе. А тие ќе бидат уште повеќе изложени на ризици кога ќе дојде зимата“, додаде тој.
Иако условите во прифатните центри полека се подобруваат, многу луѓе сè уште живеат во неадекватни или пренатрупани објекти.
Заменик-министерот за одбрана, Димитрис Витса, чиј оддел е одговорен за поголемиот дел од прифатните центри, истиот ден говореше за „Скај ТВ“ за плановите на Владата. Тој рече дека меѓу 30 и 33 од сегашните 50 центри што работат на грчкото копно ќе останат, а ќе се создадат нови доколку се појави потреба за тоа.
Витса најави планови за регулирање на пренатрупаните кампови на островите во Егејот.
„Сакаме да изградиме монтажни објекти коишто ќе функционираат во временски период од една до три години“, изјави за АА Никос Кутсис, портпарол на грчкото Координативно тело за управување со бегалската криза.
„Тие ќе имаат капацитет од 1.000 до 1.500 лица, и ќе бидат лоцирани низ целата земја“.
„Не сакаме гета“, додаде тој.
- Школување на децата бегалци -
Во март, грчкиот министер за образование, Никос Филис прв го претстави планот за обезбедување основни образовни познавања и психо-социјална поддршка за децата бегалци и за мигрантите. Сега работите почнуваат да земаат облик.
Портпаролот на министерството, Јоргос Гилсон, за Anadolu Agency изјави дека Одделот планира да вработи 800 едукатори на грчки и англиски јазик во училиштата, во прифатните центри и „на местата каде што децата мигранти не можат да стигнат до училиштата“.
„Без оглед на тоа колку долго децата бегалци ќе останат во Грција, тие треба да имаат шанса за образование“, додаде Гилсон.
Во овој момент, според официјалните податоци, во Грција има речиси 60.000 мигранти, а релативно мал број нови мигранти пристигнуваат секој ден.
Можеби бројките не се толку големи како претходно, но пред грчките власти сè уште стојат нови предизвици.