БРИСЕЛ
По изборите за пратеници во Европскиот парламент, спроведени во 28 земји членки на Европската Унија, се покажа дека централната десница и лево ориентираните партии кои традиционално ја имаа контролата ја загубија својата моќ, а гласачите им ја доверија поддршката на партиите кои ветуваа промени, јавува Anadolu Agency (AA).
Според првичните проценки објавени од ЕП, партијата на централната десница, Европската народна партија (EPP), и централната левица, Партијата на социјалдемократите (S&D), кои традиционално беа најмоќните политички групи во Европа, загубија дел од местата во ЕП, а популистичките партии на екстремната десница, либералите и зелените ја зголемија својата моќ.
Според последните податоци, во Европскиот парламент, кој го сочинуваат 751 пратеник, Европската народна партија (EPP) повторно го освои првото место, но бројот на пратеници, кој во 2014 година изнесуваше 216, по овие избори се намали на 180.
По Европската народна партија (EPP) следуваат социјалдемократите со 152 пратеници. Партијата на социјалдемократите (S&D), која е втора партија по освоените места, на овие избори загуби 33 пратенички места.
На трето место на изборите за ЕП се најде Унијата на либерали и демократи за Европа (ALDE) со 105 пратеници, зголемувајќи го бројот на своите пратеници за 36 во однос на изборите од 2014 година.
Следува Европската слободна алијанса (EFA) со 67 места во ЕП, бројка која претставува зголемување за 15 пратеници во однос на изборите во 2014 година.
На претходните избори, трета политичка група според моќта, во која партиципираат и партии од екстремната десница, беше Алијансата на конзервативци и реформисти во Европа (ECR), која на овие избори загуби 16 пратеници и во моментов во ЕП ќе ја претставуваат 61 пратеник.
Од друга страна, политичките групи Европа на нации и слобода (ЕНС) и Европа на слобода и директна демократија (EFDD), во кои партиципираат политичките партии на екстремната десница, се здобија со моќ.
Групата Европа на нации и слобода освои 57 пратеници, што е за 21 повеќе во однос на изборите од 2014 година, а Европа на слобода и директна демократија со зголемување од 12 пратеници, на овие избори освои 54 пратенички места.
Лево ориентираната Европска обединета левица - Нордиска зелена левица (GUE/NGL) загуби 14 пратеници и на овие избори освои 38 пратенички места.
Преостанатите 37 места ги освоија независните и другите кандидати.
- Во Франција остави печат екстремната десница
По речиси 6-месечните протести на „Жолтите елеци“, кои бараат промени на улиците на Париз и другите градови во Франција, печат на изборите за ЕП во оваа земја стави екстремно десничарската партија Национален фронт (RN), предводена од Мари ле Пен.
Партијата Национален фронт, во однос на изборите од 2014 година, го нема зголемено бројот на гласови и со 23,3 % зад себе ја остави владејачката „Република, напред“ (LREM) на претседателот Емануел Макрон, која на овие избори освои 22,1 % и се најде на второто место.
Партијата Европска екологија - Зелени (EELV) во Франција на овие избори го зголеми бројот на своите гласови за 3,85 %.
- Во Германија, зелените се здобија со моќ
На изборите за ЕП во Германија, вниманието го привлече фактот дека Партијата на зелените речиси двојно го зголеми бројот на своите гласови. Зелените на овие избори освоија 20,5 % и станаа втора партија по освоени гласови во Германија. Зелените на овие избори освоија 9,8 отсто повеќе гласови во однос на изборите од 2014 година. Благодарение на ова, бројот на своите пратеници во ЕП од 11 го зголемија на 21.
На овие избори, големи загуби претрпеа партиите на власт. Демохристијанскиот блок на Меркел (CDU/CSU) забележа загуба од 7,5 % од гласовите, но и покрај тоа, CDU/CSU е прва со освоени 22,6 %.
Социјалдемократската партија (SPD) во однос на изборите од 2014 година, забележа пад од 11,4 % и со освоени 15,8 % се најде на третото место.
Забележително е зголемен бројот на гласови на екстремнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD). Оваа партија на изборот за пратеници во ЕП освои 11 %, што е за 3,9 % повеќе во однос на 2014 година, добивајќи 11 пратеници во ЕП.
- Брегзит остави печат на гласањето во Британија
Конзервативната и унионистичка партија која е на власт во Британија, под влијание на неспроведениот Брегзит и одвојување од ЕУ, доживеа пораз на овие избори.
Поради непостигнувањето договор околу Брегзит, двете партии, Конзервативната и унионистичка партија, која е на власт, и опозициската Лабуристичка партија претрпеа голем удар.
На изборите за ЕП, првото место со најголем број гласови го освои новоформираната партија Брегзит, која како своја основна политичка програма го претстави одвојувањето од ЕУ. Партијата Брегзит под водство на екстремниот десничар, Најџел Фараж, на изборите освои 31,6 % од гласовите.
Либералните демократи кои се проевропски ориентирани имаат голем подем и се наоѓаат на второто место со освоени 20,3 % од гласовите. Трета е главната опозициска Лабуристичка партија со освоени 14,1 %, а четврти се зелените со освоени 12,1 %, партија која е за останување во ЕУ.
Владејачката Конзервативна и унионистичка партија, под влијание на Брегзит, успеа да освои само 9,1 % и се најде на петтото место.
Конзервативната и унионистичка партија поради неспроведениот Брегзит има загуба од над 14 % во однос на изборите за ЕП од 2014 година.
- За првпат во Италија, партија на екстремната десница освои наголем број гласови
За првпат во Италија политичка партија со екстремно десно гледиште победи на избори во оваа земја. Партијата Северна лига, која приближно една година е партнер во коалициската Влада на Италија, на изборите за ЕП освои 30 % од гласовите и се најде на првото место.
Матео Салвини, лидерот на Партијата Северна лига, заменик-премиер и министер за внатрешни работи на Италија, особено се истакнува со својата антимигрантска политика. Со цел да формира екстремнодесничарска група во рамките на ЕП, тој ги започна своите активности, среќавајќи се со лидерите на другите десноориентирани екстремистички партии од Европа. Се очекува забрзување на овие активности во периодот што следи.
Од друга страна, поранешниот италијански премиер, 82-годишниот Силвио Берлускони, во својата прва кандидатура на изборите за ЕП успеа да биде избран, но неговата партија Форца Италија, со освоени 8,78 % не постигна некој особен успех.
- Во Шпанија и Португалија победија социјалистите
Социјалистичката работничка партија (PSOE) во Шпанија со освоени околу 33 % од гласовите е победник.
Спроед официјалните резултати, зад Социјалистичката работничка партија се наоѓа Народната партија со 12 пратеници, централнодесничарската партија „Сиудаданос“ (Граѓани) со 7 пратеници, Левичарскиот сојуз „Унидас Подемос“ 6 и крајнодесничарската партија „Вокс“ со 3 пратеници. Меѓу сепаратистичките партии, Унијата „Република Сега“, во која аплицираат Републиканската левица на Каталонија, Обединетете ја Баскија (EH Bildu) и Глисијскиот националистички блок освои 3 пратеници, Единство за Каталонија 2, а Коалицијата за eвропска солидарност 1 пратеник.
Португалија во октомври ја очекуваат општи избори. На изборот за пратеници во ЕП, прва е Социјалистичката партија (PS), која како дел од малцинската Влада е на власт во Португалија.
- Бегалецот Пуџдемон избран за пратеник
Од друга страна, за пратеници во ЕП на изборите во Шпанија се избрани Карлс Пуџдемон, каталонскиот сепаратистички лидер, кој е во егзил во Белгија, и лидерот на втората по големина сепаратистичка партија и поранешен потпретседател на Каталонија, Ориол Жункерас.
- Изненадување од Лабуристичката партија во Холандија
На изборите за пратеници во ЕП одржани во Холандија победи Лабуристичката партија предводена од Франс Тимерманс, заменик-претседателот на Европската комисија.
Од друга страна, интересен е фактот дека Партијата за слобода (PVV), предводена од екстремниот десничар Герт Вилдерс, која на изборите во 2014 година имаше освоено 4 пратеници, е најголемиот губитник на овие избори, бидејќи ги загуби и тие 4 места во ЕП.
- Во Австрија, партијата на Курц со голема предност е прва
На изборите за пратеници во ЕП одржани во Австрија, победник е Народната партија (OVP) предводена од премиерот Себастијан Курц. Народната партија освои 34,9 % и обезбеди 7 места во ЕП. На овие избори, Народната партија има предност од 10 % пред второпласираната партија.
Минатата недела е раскината владината коалиција во Австрија и донесена е одлука за предвремени избори. Тоа се случи откако во германските медиуми беа објавени снимки од летото 2017 година на кои поранешниот вицепремиер и претседател на десничарската Слободарска партија (FPO), Хајнц-Кристијан Штрахе, заедно со потпретседателот на партијата, Јохан Гуденус, на богата Русинка ѝ нудат државна соработка во замена за финансиска поддршка на нивната партија. Оваа афера негативно се одрази врз гласачите на изборот за пратеници во ЕП и Слободарската партија (FPO) доживеа сериозни загуби.
Оваа екстремнодесничарска партија освои 17,2 %, што е за 2,5 % помалку од гласовите освоени на изборот во 2014 година. Слободарската партија, која претходно во ЕП имаше 4 пратеници, на овие избори успеа да освои 3 пратенички места.
- Предвремени избори во Грција
Грчкиот премиер Алексис Ципрас повика на предвремени избори откако неговата партија претрпе голем пораз на изборите за Европскиот парламент.
На изборите за ЕП, прва е најголемата грчка опозициска конзервативна партија, Нова демократија, со освоени 33 отсто од гласовите. Владејачката левичарска партија Сириза на премиерот Ципрас доби 23,9 % од гласовите.
Според излезноста на изборите за пратеници во ЕП, забележан е раст во однос на изборите во 2014 година. На тие избори излезноста изнесуваше 42,6 %, додека годинава на гласање излегоа 51 % гласачи.
news_share_descriptionsubscription_contact
