Ahmet Furkan Mercan
06 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
ТОКИО (АА) - Околу 450 милиони кибернапади врз официјалната веб-страница и системот на натпреварување се спречени на Олимписките игри и Параолимписките игри 2020 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Организациониот комитет на Токио 2020 даде известување во врска со кибернападите на меѓународниот турнир извршени од хакери во периодот јули - септември 2021 година.
Според соопштеното, од почетокот на Олимпијадата во Токио на 23 јули до крајот на Параолимписките игри на 5 септември, извршени се околу 450 милиони кибернапади против официјалната веб-страница и системот на натпреварување.
„Благодарение на споделувањето информации и преземените мерки, спречивме кибернапади пред да настане каква било штета“, се вели во соопштението на Комитетот.
Националниот центар за стратегија за кибербезбедност и подготвеност за ситуации (NISC), поврзан со јапонската Влада, соопшти дека текот на турнирот не е засегнат од овие напади, и покрај повеќекратните обиди за неовластен влез на натпреварите, вклучувајќи ги и церемониите на отворање и затворање на Олимпијадата.
Според новинската агенција „Кјодо“, фирмата „Тренд микро“, која работи во областа на безбедноста на интернет, соопшти дека бројот на напади е помал во споредба со Олимпијадата во Лондон летото 2012 и зимската Олимпијада 2018 во Пјонгчанг.
Компанијата, потсетувајќи дека Токио 2020 се одржа без публика поради епидемијата на Ковид-19, истакна: „Хакерите не можеа да ги користат информациите од билетите и од публиката.“
„Кјодо“ исто така, во веста наведе дека обидите за кибернапади биле на ниво од 2,3 милијарди во Лондон летото 2012 година и од 600 милиони во Пјонгчанг 2018 година.
Повеќе од 15.000 спортисти од странство и од Јапонија се натпреваруваа на Олимписките игри во Токио од 23 јули до 8 август и на Параолимписките игри одржани од 24 август до 5 септември.