Ekipa
11 Ноември 2018•Ажурирај: 12 Ноември 2018
АДИС АБЕБА (АА) - Над 10.000 луѓе зедоа учество во денешната Трка на мирот Еритреја - Етиопија, во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, јавува Anadolu Agency (AA).
Почесен гостин беше најпознатиот пејач и композитор во Етиопија, Тедрос Касахун (попознат како Теди Афро), чии бројни песни се полни со пораки за единство, мир и љубов помеѓу Еритреја и Етиопија - што започна уште во деновите на непријателство меѓу двете влади во 1990-тите години.
Еритреја се отцепи од Етиопија уште во 1993 година.
Во периодот од 1998 до 2000 година двете земји беа во војна во која загинаа 70.000 луѓе.
Учесниците на почетокот од трката го исполнија плоштадот „Мескел“ во Адис Абеба со маици со знамињата на Етиопија и Еритреја, што е еден од главните настани откако двете земји започнаа брзо дипломатско затоплување на односите, со што се стави крај на дведецениските тензични односи.
„Ова е многу среќен ден за народите на двете земји, и му благодарам на Бога што го доживеав овој ден“, изјави за АА, Тилахун Масреша (79).
Масреша истакна дека работел пет години како учител во Ембатикала, Еритреја, кога двете земји биле под едно знаме.
„Никогаш не требаше да се разделиме“, нагласи тој, покажувајќи на маицата на која пишуваше „Ние сме едно“.
Во четвртокот, претседателот на Еритреја, Исајас Афеверки, заедно со сомалискиот претседател Мухамед Абдулахи Мухамед, ја посети регионалната држава Амхара во Етиопија, каде што се сретнаа со премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, како продолжение на Декларацијата за сеопфатна соработка, потпишана во септември во главниот град на Еритреја, Асмара.