Kübra Chohan
12 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
КИЛИС (АА) - Шефот на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD) денес изјави дека над 6.089 цивили кои ја напуштија Источна Гута се безбедно сместени во областа ослободена во офанзивата „Штитот на Еуфрат“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Речиси 1.080.000 Сиријци во моментот живеат во областа ослободена во офанзивата „Штитот на Еуфрат“, а 193.723 од нив се наоѓаат во кампови“, изјави Мехмет Гулуоглу за АА.
Во турската операција „Штитот на Еуфрат“ спроведена кон крајот на 2016 година е ослободен сирискиот град Ал Баб од терористичката група ДЕАШ.
Операцијата, која заврши во март минатата година, во голема мера успеа да ја расчисти турско-сириската гранична област од терористите.
Гулуоглу изјави дека најмалку 130.000 цивили се евакуирани од Источна Гута откако започна процесот за евакуација на 22 март, а АФАД правеше сè што можеше за да ги вдоми раселените лица.
„Тимовите од Министерството за здравство спроведоа здравствени испитувања на лицата сместени во камповите, каде што многу невладини организации обезбедуваат храна, топли оброци и основни средства“, изјави Гулуоглу.
Тој додаде дека за да се задоволат потребите на лицата во камповите биле испорачани 3.142 камиони со хуманитарна помош во логистичките складишта на АФАД во Чобанбеј.
Гулуоглу изјави дека се изградени засолништа за 32.000 лица во областа ослободена во „Штитот на Еуфрат“ и за 3.350 лица во Идлиб.
На 24 февруари, Советот за безбедност на ОН едногласно ја усвои Резолуцијата 2401, која повикува на прекин на огнот во Сирија (особено во Источна Гута), за да се овозможи достава на хуманитарна помош.
И покрај Резолуцијата, режимот и неговите сојузници на почетокот од март започнаа голема офанзива со поддршка на руските сили, со цел заземање на деловите во подрачјата што се под контрола на опозицијата.
Припадниците на режимот на Асад, со воздушна поддршка на Русија, на 19 февруари започнаа акција за преземање на контролата врз Источна Гута, а оттогаш се убиени над 1.400 лица.
Оттогаш се вршат интензивни напади врз наведеното подрачје во кое, според претпоставките, живеат околу 400.000 луѓе.
Во нападите се убиени многу цивили, а неколку илјади останаа без покрив над главата и беа принудени да одат во засолништа и подруми.