Ekipa
12 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и терористите што имаат поддршка од Иран започнаа да ги напуштаат базите во Дамаск и Хомс, откако САД се заканија поради нападите во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
По нападот со хемиско оружје на сирискиот град Дума, режимот на Асад премина во состојба на готовност, поради можните напади од САД. Режимските сили веќе започнаа да менуваат локации, и да ја транспортираат опремата и вооружувањето од воените бази во Хомс и околината на Дамаск.
Терористите што ги поддржува Иран, а кои се наоѓаат во базите во регионот Каламун, североисточно од Дамаск, тргнаа кон границата со Либан. Еден дел од воената опрема од овие бази е префрлен на аеродромот во Дамаск.
Воената опрема од базата „T4“ во Хомс е префрлена во базата „Нејраб“, во центарот на Алепо и базата „Кувејрис“, која се наоѓа источно од овој град. Терористичките групи од овој регион се упатија кон градот Дера и границата со Либан.
Режимот на Асад настојува од евентуалните напади од САД да ги заштити и авионите во своите воздухопловни бази, поради што авионите од типот „IL-76“ и „SU“ ги префрли во базата „Хмеимим“ во Латакија, којашто ја користи Русија, и на воениот аеродром во градот Хама.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад на 7 април во нападот на Дума користеа хемиско оружје и убија најмалку 78 цивили.
Со руското вето беше одбиен американскиот предлог на резолуцијата во Советот за безбедност на ОН, кој би овозможил истрага и утврдување на одговорните за тој напад.
Официјален Вашингтон порача дека ќе одговори на употребата на хемиско оружје во Сирија, без оглед на ставот на Советот за безбедност на ОН.
Официјална Москва порача дека ќе ги сруши сите ракети што ќе бидат истрелани кон Сирија. Истакнувајќи дека со ракетните напади би можеле да бидат уништени доказите за користење хемиско оружје, руските официјални лица порачаа дека САД треба да ги користи ракетите против терористите, а не против сириската влада.