Ömer Tuğrul Çam
12 Ноември 2020•Ажурирај: 13 Ноември 2020
БРИСЕЛ
Институцијата на Народниот правобранител на Европската Унија (ЕУ) започна истрага против Европската агенција за гранична и крајбрежна безбедност (Frontex), откако беа објавени веста дека „Фронтекс“ ѝ дал поддршка на Грција во враќањето на мигрантите кон отворено море, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на оваа институција, народната правобранителка на ЕУ, Емили О’Рајли, ќе води истрага во врска со тоа како „Фронтекс“ ги третира обвиненијата во врска со прекршувањето на основните права.
Таа ќе ги испитува транспарентноста и ефективноста на механизмот за прифаќање на жалби кој е претходно формиран во рамките на „Фронтекс“, како и улогата и независноста на вработените во „Фронтекс“, кои се занимаваат со основните права.
O’Рајли исто така контактираше со членовите на Европската мрежа на народни правобранители (ENO) од кои побара информации во врска со тоа дали добиваат жалби во врска со операциите на „Фронтекс“.
Во истражувањето објавено минатиот месец во германското списание „Шпигел“ (Der Spiegel) беше наведено дека грчката гранична гарда мигрантите ги вратила на отворени води со цел да не пристигаат во Грција, и дека „Фронтекс“ учествувал на овие операции во спротивност со меѓународното право.
Се вели дека авион користен од страна на „Фронтекс“ ги запирал мигрантите, а видеоснимките од овој авион биле емитувани во живо во седиштето на „Фронтекс“ во Варшава, но дека „Фронтекс“ не испратил помош за спасување на мигрантите во регионот.
Иако „Шпигел“ и некои други медиуми целосно ги документирале присилните враќања, грчката Влада одбива да признае дека мигрантите присилно ги вратила во Турција. Од „Фронтекс“ соопштија дека започнале внатрешна истрага по вестите дека ѝ дале поддршка на Грција за враќањето на мигрантите кај Егејското Море, но изјавија дека сѐ уште не се откриени некои наоди кои ги докажуваат овие тврдења.